Седумдесетгодишниот Вентура го презема Киево

Водството на италијанскиот фудбалски прволигаш Киево му врачи отказ на 46-годишниот тренер Лоренцо Д’Ана, а екипата од Верона би требало да ја преземе поранешениот италијански селектор, 70-годишниот Џампјеро Вентура.

Д’Ана доби отказ поради лошите резултати од почетокот на сезоната и само двата освоени бода во првите осум кола од Серија А. Бидејќи Киево во септември беше казнет со одземање на три бода поради неправилности во финансиското работење на клубот, во моментов е на последното место со минус еден бод.

Според написите во италијанските медиуми, Киево ќе го преземе поранешниот селектор на италијанската фудбалска репрезентација, Вентура, кој е без ангажман од крајот на минатата година кога доби отказ откако „Аѕурите“ не успеаја да се пласираат на светското првенство во Русија.