Седуммина обвинети за учество во ИСИС ја признаа вината

Седумтемина македонски државјани обвинети за учество во странска војска, паравоени или параполициски формации, а едно лице обвинето и за кривично дело Терористичка организација, денеска на главната расправа при произнесување за вина во Основниот суд Скопје 1 Скопје, ги признаа делата што им се ставаат на товар, соопшти Судот.

Во август минатата година, во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили, обвинетите биле лишени од слобода и предадени на македонските органи на прогонот. По спроведена истрага, во декември минатата надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот суд Скопје 1 Скопје, поднел обвинение против седум лица.

-Обвинетите со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале на обука во Сирија каде и учествувале како борци на ИСИС во војните во Сирија и Ирак. Обвинетиот кој се терети за две кривични дела – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации и Терористичка организација бил припадник и на терористичката организација „Исламска држава“, се вели во соопштението од Судот.

Освен учество во паравоените формации надвор од Република Македонија, обвинетите обезбедувале, собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, преку социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица на учество во паравоените формации надвор од Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.