Седумнаесет години од масакрот на македонските бранители кај Вејце

Денеска се навршуваат седумнаесет години од масакрот на македонските бранители кај Вејце.  Од заседа беа свирепо убиени осуммина припадници на безбедносните сили.
Кај Вејце загинаа Роберт Петковски (27-годишен) од Скопје, Бобан Трајковски (28) од Куманово, Игор Костески (26) од Скопје, Миле Јаневски (30) од Македонска Каменица, Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Кире Костадиновски (24) и Бошко Најдовски (24), сите од Битола.

Делегации се поклонија и положија свежо цвеќе пред споменикот на загинатите бранители во кругот на битолската полиција,  неколку спомен обележја како и на нивните вечни почивалишта во неколку градови во земјава.

Масакрот во 2001 година го извршија припадници на ОНА, во период кога сите воени дејства беа прекинати. Комбинирана патрола од 16 припадници на безбедносните сили, осуммина од единицата „волци“  и осуммина од посебната единица на СВР Битола,  тргнала на задача од касарната во Тетово во четири возила. Откако патролата навлегла во тесна, непрегледна кривина од три страни била нападната од група од над дваесетина терористи. Се пукало од золји, снајпери, бомби, рачни минофрлачи, пиштоли и друго автоматско оружје.

По вооружениот напад, кој траел дваесеттина минути, врз мртвите тела бил извршен грозоморен масакр, а тројца живи биле запалени. Роднините со години бараат одговорност за злосторството, за оние кои стојат зад терористичкиот напад и за оние кои дале наредба за него.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.