Седумнаесет години од погубувањето на полициски резервисти во Гостивар

Со комеморативен собир во гостиварската населба Циглана денеска се одбележаа седумнаесет години од погубувањето на полициските резервисти, Данил Јанкоски и Александар Николиќ.

Во нивна чест, на местото каде што загинаа, претпладнево дојдоа родинини, пријатели, колеги од полицискиот синдикат на ПС Гостивар и од ОК ВМРО-ДПМНЕ Гостивар кои запалија свеќи и положија цвеќиња.

Полицискиот пункт на кој беа и двајцата полициски резервисти Јанкоски и Николиќ, на влезот од населбата Циглана во 2002 година на 26 август, еден часот по полноќ, беше нападнат со огнено оружје. Според наводите од истрагата што тогаш беше покрената, се знае дека на нив пукале непознати лица со автоматски пушки од возило во движење. По нападот, Јанкоски и Николиќ починаа на самото место, а еден резервист беше ранет. Сé уште не е познато кој и зошто пукал и кои се мотивите за нападот.

На местото на трагичната смрт во 2012 година беше поставена спомен плоча, а се организрираа и спортски турнири во нивен спомен.

По комеморативниот собир во Циглана, блиските и пријателите ги посетија и гробовите нивните вечни почивалишта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.