Седумнаесет години Рамковниот договор од Охрид

На 13-ти август пред седумнаесет години беше потпишан Рамковниот договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во Република Македонија во 2001 година.

Документот по повеќедневно услогласување во Охрид, во Скопје го потпишаа тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, и лидерите на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ДПА, Арбен Џафери, и на ПДП, Имер Имери. Во својство на гаранти, документот кој е познат и како Охридски договор, го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

Охридскиот договор ја ужива поддршката од Меѓународната заедница и од поголем дел од партиите од македонскиот и албанскиот политички блок, како единствена рамка за развој на државата.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

Собранието на Република Македонија во март годинава со 64 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за јазиците, без амандманска расправа. За Законот гласаа и пратениците од немнозинските заедници кои со 24 гласа го донесоа Законот.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо, (албански јазик).

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.