Седумнаесетгодишен Канаѓанец прво засилување за „Баерн“

Младата канадска фудбалска ѕвезда, Алфонсо Дејвис (17) е новото засилување на германскиот гигант „Баерн“, кој ќе се пресели во Минхен од редовите на „Ванкувер Вајткепс“ за 22 милиони долари, што е рекорден трансфер на играч од американската МЛС лига. Тој во Минхен ќе дојде во јануари 2019 година.

Претходниот рекорд беше на американскио напаѓач Џози Алтидор кој во 2008 година од „Њујорк Ред Булс“ се пресели во „Виљареал“ за 10 милиони долари.

Дејвис е исклучително талентиран. Иако има 17 години веќе покажа одличен квалитет и јас сум среќен што заврши во редовите на „Баерн“ Минхен, бидејќи тој беше цел на голем број на големи клубови, изјави спортскиот директор на Баварците, Хасан Салихамиџиќ.

Момчето е родено во бегалски камп во Гана за време на војната во Либерија, каде што неговите родители избегале. Кога имал пет години како бегалец пристигнал во Канада, чие државјанство го добил лани.

Дејвис пред две години потпиша за „Ванкувер“, станувајќи најмладиот фудбалер со професионален договор во САД. Тој имаше само 15 години и три месеци, а во јуни минатата година тој го направи своето деби за репрезентацијата на Канада и стана најмладиот играч во историјата на овој тим.

Овој трансфер е одлична вест не само за нашиот тим, но исто така и за целата лига. Тоа е доказ дека МЛС може да создаде големи играчи, вели косопственикот на „Ванкувер“, Џеф Малет.