Седумте експерти на ОБСЕ/ОДИХР имаа средба со ДИК

Набљудувачкиот тим на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, кој во земјава пристигна на 19 јуни, од денеска е подготвен за работа и членовите веќе имаa средба со Државната изборна комисија, на која беа информирани за текот на изборниот процес.

ОБСЕ/ОДИХР на покана на македонската Влада испрати специјална мисија за следење на предвремените парламентарни избори, закажани за 15 јули.

Мисијата се состои од седум експерти, кои ќе бидат сместени во Скопје и од главниот град ќе го следат целокупниот изборен процес. Во рамки на тимот се ангажирано шеф на мисијата, негов заменик, политички и изборен аналитичар, како и аналитичар за регистрација на гласачи, правен и медиумски советник. Мисијата ќе биде во траење од три недели.

Портпаролката на ОБСЕ/ОДИХР, Катја Андруш во изјава за МИА минатата недела истакна дека ОДИХР распоредува Специјална изборна оценувачката мисија во Македонија за предвремените парламентарни избори.

„Мисијата внимателно ќе оценува колку изборите се одржуваат согласно заложбите на ОБСЕ и останатите меѓународни стандари за демократски избори, како и согласно националното законодавство“, нагласи Андруш за МИА.

Пред избувнувањето на пандемијата на Ковид-19, Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) најави 250 краткорочни набљудувачи на денот на изборите, но и претставници на парламентарните собранија на ОБСЕ и Советот на Европа, како и свои долгорочни набљудувачи. Андруш за МИА вели дека биле принудени да ја суспендираат оваа набљудувачка мисија за предвремените избори во Македонија поради ограничувањата на патувањата, но и поради грижата за здравјето, кои се појавија како последица на коронавирусот.

„Здравјето на нашите колеги е секогаш приоритет. Безбедносните аспекти, како и продолжените рестрикции во меѓународните патувања и ограничувањата за влез во земјите во кои се одржуваат избори создаваат предизвици за сите наши активности поврзани со изборите и пред се за воспоставување на долгорочни и краткророчни набљудувачи, кои се испраќаат директно од земјите-членки на ОБСЕ“, истакна Андруш.

Таа во изјавата за МИА потенцира дека како и секогаш набљудувачите на ОБСЕ тесно ќе соработуваат со властите во земјава за време на изборниот процес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.