Седумте најважни поуки од европските избори

Изборите за новиот состав на Европскиот парламент може да станат пресвртница за Европа: ќе бидат формирани нови мнозинства и многу нови играчи ќе излезат на политичката сцена во Брисел. Одлична можност – ако бидат извлечени правилните поуки од гласањето, анализира германскиот национален дневен весник „Die Welt“, пренесува НетПрес.

Европа избра. Малку повеќе од половината граѓани на ЕУ, со право на глас, излегоа на изборите. Тоа е највисоката излезност во последните 20 години. Но, тоа не изненадува – во последниве месеци постојано се зборуваше за „судбоносен избор“. Или кажано со други зборови, тоа значеше страв од враќање на национализмот и популизмот.
Но, не стануваше збор само за тој избор. Европа има потреба од нов компас. А, овие европски избори се одлична можност ЕУ да се врати на правиот пат во следните години. Идеите, визиите и работните документи одамна се пракса, но во минатото тие редовно потонуваа некаде во Брисел.

Не треба да се остава место за сомнеж, и покрај сите кризи Европската унија не е на работ. Воопшто нема ризик од пропаст. Но, постои ризик Унијата да продолжи да се движи кон лоши резултати со пораст во расходите, да се зголеми економската фрагментација меѓу Западот и Истокот, Северот и Југот, а чувството за припадност на европјаните да продолжи да се намалува. Европските избори можат да бидат повратна точка: има нови мнозинства и многу нови играчи ќе излезат на европската политичка сцена. Тој свеж здив е одлична можност.

Од европските избори во 2019 година може да се извлечат седум поуки:

1. Преминот кон десно во Европа отпочна. Трите десни популистички и националистички фракции заедно добија 173 од вкупно 751 парламентарни места – тоа е за 18 повеќе во однос на претходниот парламент. Сепак, десните партии нема да можат да влијаат суштествено на законодавниот процес во Европскиот парламент. „Призракот на национализмот“ нема да може да се распространи во новиот Европски парламент, со исклучок на театралниот придонес на некои членови. Од друга страна, популистичките партии успеаа да се консолидираат и да го рашират своето лидерство во неколку држави – членки како Полска, Унгарија, Чешка и Италија. Како резултат на тоа, десните партии ќе се обидат посилно од било кога да влијаат и да ги блокираат одлуките на ниво на премиери, односно Европскиот совет.

Политиката станува се’ повеќе колоритна

2. Веќе децении конзервативната Европска народна партија (ЕПП) и Социјал-демократите доминираа во Европскиот парламент. Сега тоа е невозможно. Од таа гледна точка овие избори се повратна точка: по 40 години тие бележат крај на традиционалната голема коалиција во Брисел. Новите играчи од првиот ред се зелени и либерали. Тоа ќе ја засегне не само работата на ЕП, туку и на целиот законодавен процес во Европа. Политичкиот центар на Европа се рашири, политиката станува се’ повеќе колоритна.

Се очекува данокот на CO2 да влезе во сила многу бргу

3. Победници во Европа на овие избори се зелените и либералите, а не националистите и популистите. Во Европа нема популистички бран и треба да биде ставен крај на приказните за него. Либералите се третата најголема сила в парламентот, а зелените станаа од шеста четврта по ред група. Проевропските партии останаа приближно на едно исто ниво во Европа, и покрај тешките загуби на партиите како ЕПП и социјалистите. Веќе е јасно дека тоа исто така ќе има тематско влијание. Европската политика ќе стане „позелена“ – најверојатно ќе се појави данок за емисиите на CO2. За германската автомобилска индустрија ова значи значително забрзување на своите иновациски политики. Во исто време, либералите ќе настојуваат за пазарно ориентирани нови трговски договори и дерегулација на пазарите на услуги.
Во целина, политичката фрагментација ќе го направи уште потешко носењето на одлуки во Брисел. Треба да се почека и да се види какво влијание ќе има тоа врз способноста на ЕУ да дејствува, на пример во трговските преговори со големи економии како САД. Новиот состав на Европскиот парламент, исто така, значи дека конзервативците, социјал-демократите, зелените и либералите треба да се зближат – колку поразделени се овие четири фракции, толку повеќе крајните партии ќе користат од ситуацијата.

4. Партиите од германскиот Сојуз (ХДС/ХСС) и ГСДП ќе испратат во Брисел многу помалку пратеници од претходно. Така влијанието на Германија во двете најсилни фракции ќе ослабе. Слободната демократска партија (СДП) собра поголема поддршка, споредено со претходните избори, но веројатно ќе добие само пет од вкупно 108-те парламентарни места. Сега, претседателот на Франција, Емануел Макрон, ќе биде тој, кој ќе доминира кај либералите, а тоа ќе направи тешкотии за СДП да ги наметне своите политики.

5. Стратегијата на Европската Унија – која беше под силно влијание на слабиот претседател на Советот на ЕУ, Доналд Туск, и на германската влада – да ја истуркаат до крај работата со Брегзит, за кратко време ќе се покаже како фатална. Имаше доволно предупредувања, на пример од Париз или Виена. Шансите за хаотичен Брегзит, никогаш не биле толку високи, колку што станаа сега по избориве: во Обединетото кралство, непријателски насотреоната кон Брисел партија „Брегзит“, освои 31,5 отсто од гласовите, нејзиниот лидер Најџел Фараџ повика за учество во преговорите во разводот меѓу Брисел и Лондон. Истовремено, шансите на бившиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон, да стане нов премиер на Велика Британија, значително се зголемија. Џонсон и Фараџ, како нови партнери во преговорите, изгледаат како најлош кошмар за ЕУ.

Европскиот парламент ќе ги прошири своите овластувања

6. Може да се очекува дека новиот буржоаски блок во Европскиот парламент (ЕПП, социјал-демократите, либералите и зелените) ќе го зголемат значително своето влијание врз законодавниот процес, со задолжувањето на Европската комисија да преземе конкретни мерки пред почетокот на новиот законодавен период. Логиката е следна: секој, кој сака да бида избран од парламентот како нов раководител на Европската комисија, треба прво да плати висока цена – тој треба да се ангажира да работи за еден вид колоритна суперкоалиција од четири фракции. Тоа никогаш не се случило во историјата на Заедницата. На владите на ЕУ нема да им се допадне ситацијата – тие стравуваат од губење на влијанието. И потполно се во право, ЕП ќе го користи тоа за да си ги прошири своите влијанија.

7. Бидејќи сега процесите на носење одлуки стануваат се’ посложени и има веројатност да стане пожестока војната меѓу Европскиот парламент и земјите членки на ЕУ управувани од националистички влади, европското законодавство треба да се фокусира на неколку големи проекти. Исполнувањето на пректите треба да има краен рок – во спротивно постои ризик од бескраен циклус, како во политиката на ЕУ во областа на азилот, каде сите важни законодавни предлози останаа во заден план, и покрај бегалската криза.

Што треба да постигне Европската унија во следните две и пол години?

Прво, проширување на граничното обезбедување на ЕУ до 10.000 лица. Второ, нов предлог за распределба на бегалците. Бесмислениот план на Комисијата, во однос на распределување на оние кои бараат азил, преку квоти веднаш треба да биде сопрен. Трето, буџетот на ЕУ треба да се сврти целосно – радикални кратења во секторите на аграрната и структурна помош и повеќе внимание на научните истражувања, иновациите, инфраструктурата и вештачката интелегенција. Четврто, повидлив успех преку едноставни, но иновативни работи, кои секој европјанин треба веднаш да ги сфати. Пример: Новата мега-програма на Вебер за борба со канцерот со учество на водечки европски истражувачи на онкологични заболувања го посочува патот напред. Петто: европјаните треба да се фокусираат на својата надворешна политика главно на кризите. Самите граѓани да не се обидуваат да изградат „армија од европјани“ (според зборовите на министерот за одбрана на Франција). Такво нешто е непотребно, се’ додека постои НАТО.