Шефот на германското разузнавање ги негира Меркел и медиумите за настаните во Кемниц

Челникот на германското разузнавање Федералната служба за заштита на уставот (Bundesamt für Verfassungsschutz – BfV) Ханс-Георг Маасен во петокот изрази големо сомневање дека во Кемниц по убиството на Германцот од страна на двајца млади имигранти од Блискиот исток биле прогонувани барателите на азил, со што ја поткопа канцеларката Ангела Меркел којашто изјави дека снимките од овој источногермански град „многу јасно“ покажуваат омраза.

Германија е потресена и длабоко поделена по најжестоките, најмасовни и насилни протести на крајната десница во последните неколку децении кои се случија откако на 26-ти август во Кемниц, поранешен Карл Маркс Штад во поранешна Источна Германија, 36-годишен Германец беше убиен, а за тоа се обвинети двајца дваестгодишни муслимански баратели на азил.

Михаел Кретшмер, премиер на сојузната покраина Саксонија во која се случија убиството и протестите, рече во средата дека имигарантите не биле прогонувани, но канцеларката Ангела Меркел ја отфрли неговата изјава тврдејќи дека снимките покажуваат „омраза… и прогон на невини луѓе.“

„Ја споделувам скепсата околу медиумските извештаи дека екстремистите од крајната десница прогонувале луѓе во Кемниц“, истакнува првиот германски разузнавач Ханс-Георг Маасен во интервјуто за весникот Bild. Додава дека неговата „разузнавачка агенција нема потврдени информации дека такви прогони се случуваат“.

Неговите коментари веднаш наидоа на обвинување на менстријм неолибералните политичари кои сметаат дека со нив создава мешаница околу настаните во Кемниц и побараа негова оставка.

Маасен тврди дека не постојат докази дека видео-снимната којашто циркулира на интернет е автентична.

„Врз основа на мојата претпазлива процена постојат добри причини да се верува оти станува збор за намерна дезинформација, можеби за да се пренасочи вниманието на јавноста од убиството во Кемниц“, додава Маасен.

Министерот за внатрешни работи на Германија, Хорст Зехофер, челник на баварската Христијанско-социјална унија (CSU) којашто владее со сестринската Христијанско-демократска унија (CDU) на канцеларкат Ангела Меркел, на прес-конференција порача дека нема причина да се има сомневање во процената на Маасен, и додаде дека е важно разузнавачките агенции да знаат дека нивното дејствување има поддршка од политичарите. Истакна дека Германија ќе продолжи со истрагата околу настаните во Кемниц и порача дека Маасен ја има неговата доверба.

Маасен доби поддршка и од Роланд Велер, министерот за внатрешни работи на Саксонија и член на CDU, кој рече дека челникот на BfV ја има неговата доверба. За телевизијата MDR рече дека „главниот обвинител на Саксонија, исто така, нема сознанија за лов на вештерки“.

Меѓутоа, синдикатот на германските новинари го повика Маасен да ги повлече своите тврдења, бидејќи наводно извештаите на нивните колеги од Камниц докажуваат дека луѓе во овој град се прогонувани и напаѓани. „Доколку Маасен не може без никакви сомневања да ги поткрепи своите изјави, тој не е соодветен за оваа функција и мора што поскоро да се повлече“, соопшти синдикатот.

Истото го смета и челничката на левичарските Зелени во германскиот парламент, Катрин Геринг-Екард, која вели дека одлуката на Маасен да се концентрира на видео-снимката наместо на тоа дека некои демонстранти во Кемниц нелегално му салутирале на националсоцијалистичкиот водач Адолф Хителр, покажува дека тој не може повеќе да биде на таа функција.

„Двете клучни позиции за сигурноста на слободниот демократски темел на нашата држава со Маасен и со неговиот надреден Зехофер се очигледно во погрешни раце“, соопшти Геринг-Екард, а во повикот за оставка ѝ се придружи и Катја Кипинг од крајно левата партија Die Linke.

Зехофер претходно во четвртокот рече дека „миграциите се мајката на сите проблеми“. Меркел подоцна му одговори дека „таа тоа го вели поинаку“. „Миграцијата ни носи предизвици и тука имаме проблеми, но и успеси“.

Портпаролот на канцеларката на прашањето за тоа дали Маасен ја има довербата на Меркел одговори дека тој „има важна и одговорна улога“.

Меркел во четвртокот ја обвини пред речиси четири години формираната како европскептична партија Алтернатива за Германија (AfD), која по масовниот прилив на баратели на азил во земјата од 1,6 милиони речиси три години, се противи на доселувањата и на последните парламентарни избори стана третата политичак сила во земјата и најголема опозициска партија во Бундестагот иако првпат влезе во него. Канцеларката рече дека AfD ги користи насилните протести околу убиството во Кемниц за да ги зајакне етничките тензии.