„Додека војниците немаат платен превоз, работат во стари униформи, а нивното мени е сè посиромашно, Шекеринска од Буџетот на Министерството за одбрана дава 1 милион евра за референдумска кампања за разубавување на капитуланскиот договор со Грција“, рече денеска Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Условите за работа во Армијата никогаш не биле полоши. Тоа е така затоа што парите наменети за одбраната се трошат за сè друго, само не за Армијата.
Илјадници војници од 30-тина населени места во Република Македонија или 16 релации за превоз на војниците од нивното место на живеење до касарните во кои работат со недели немаат организиран превоз. Војниците со недели се снаоѓаат како знаат и умеат и од сопствен џеб ги плаќаат трошоците за превоз.“
„Очигледно војската не ѝ е приоритет на Шекеринска. Па затоа наоѓа пари за сè само не и за војниците. Превозот не е единствен проблем на војниците, тие подолг период работат во стари униформи. Шекеринска ветуваше дека ќе набави нови, но сега го поништи тендерот за набавка на над 14.000 униформи, со што ги остава војниците и понатаму со стари излитени униформи. Која е причината поради која е поништен овој тендер и дали се спрема спогодба во четири очи во висина од 750 илјади евра?“
„Шекеринска не смее да си поигрува со Министерството за одбрана. Ова министерство е едно од највиталните во државата и не смее да биде управувано расипнички и неодговорно“, рече Нацев.