Шекеринска не е сигурна дека Анкара ќе го ратификува протоколот за членство во НАТО

Што е со ратификацијата на протоколот за НАТО од страна на Турција и дилемата за естрадикцијата на одредени личности, во специјалното издание на „Топ тема” на телевизија Телма во седиштето на НАТО во Брисел, гостин беше министерот за одбрана, Радмила Шекеринска.

На прашањето на новинарот Боби Христовски „дали сме сигурни во позициите на Анкара и дека нема да има пречки на нашиот пат кон НАТО”, Шекеринска рече дека не е сигурна.

Ништо не е сигурно и ништо не треба да се смета за сигурно се додека не се заврши. Затоа никој од нас не е релаксиран. Никој од нас не вели ах, ние нашето го завршивме. А околу прашањето за естрадикцијата ние немаме дилеми. Се она што е во согласност со стандардите кои се вградени во нашиот систем, во нашите закони, ние имаме и обврска да ги почитуваме. Меѓутоа тоа не е единственото прашање во нашите билатерални односи, рече Шекеринска.

Во интервјуто за агенцијата МИА, објавено претходно во четвртокот, Шекеринска рече дека сите земји членки на НАТО кои не го потпишаа досега Протоколот, најавија ратификации во следните два-три месеца, и рекле дека за Алијансата би било голем плус процесот да заврши до декември. Таа вели дека факт е дека 29 земји и 29 парламенти се секогаш не до крај предвидливи.

„Имате фактор икс и на тоа мора да внимаваме. Може во некоја земја да ви се случат избори, и само од процедурални причини да има одредено доцнење. Целта ни е да не оставаме ништо на случајот. Да не дадеме шанса за било какви дилеми“, изјави Шеќеринска.

На прашањето за тоа дали се испеглани разликите со Турција изјави дека по сите сигнали што ги добиваме од Турција „е дека веднаш после овие локални избори и враќањето на нивниот парламент во нормално функционирање дека очекуваат ратификација“.

Шекеринска денеска беше дел од Северноатлантскиот совет во Брисел, каде што состаноците беа посветени на буџетирањето на одбраната и мисијата во Авганистан.