Шекеринска очекува набавката на армиски униформи да заврши до крајот на годинава 

Во текот на минатата и оваа година Министерството за одбрана успеа целосно да го заврши процесот за набавка на војнички чизми, додека договорот за набавка на воено-теренски униформи е раскинат затоа што избраната фирма не успеала да ги исполни бараните условите и постапката е повторена.

Ова денеска го соопшти министерката за одбрана Радмила Шекеринска при посетата на велешката касарна за свеченоста по повод приемот на нови 125 професионални војници во Армијата, одговарајќи на прашање на МИА ,до каде е постапката за набавка на нови воени и свечени униформи“.

– Јас не случајно реков дека со квалитетот нема да правиме компромиси и тоа што го бараме во постапката, фирмите треба да го испорачаат. Поради тоа договорот беше раскинат и ја повторивме постапката. Се надевам, очекувам и апелирам фирмите да не мислат дека можат да настапат со еден, а потоа да ни подметнат послаб квалитет. Тендерот е објавен и очекуваме поголема конкуренција и интерес. Дадовме шанса и за цени кои одговараат на квалитетот што го бараме и се надевам дека до крајот на годинава овој процес ќе биде завршен, изјави министерката Шекеринска.