Шекеринска: Завршена е голготата на вработените во „Еурокомпозит“, има најава за стратегиски инвеститори

Успеавме да најдеме решение со кое долгогодишната неправда спрема работниците на прилепски „Еурокомпозит“ ја решаваме. Законот кој Владата веќе го испрати во собраниска процедура значи дека Владата со наши средства ќе обезбеди покривање на повеќегодишните неисплатени придонеси за вработените, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска при денешната посета на прилепската наменска фабрика.

– Владата сериозно постапи при решавањето на проблемот со „Еурокомпозит“, кој беше повеќегодишна агонија, не само за Прилеп, туку, првенствено, за вработените. На тој начин, дополнително ќе ја консолидираме фирмата и ќе овозможиме нејзино непречено функционирање и исполнување на обврските спрема вработените. Нашата денешна посета на „Еурокомпозит“ покажува дека ако се сака, се може. Потребни се време, работа, консултации, но ако се сака може да се постигне резултати, дури и со проблеми кои долги години се таложеле и никогаш не се решавале. Законот кој Владата веќе го испрати во собраниска процедура значи дека Владата со наши средства ќе обезбеди покривање на повеќегодишните неисплатени придонеси за вработените. За законот нема потреба од двотретинско мнозинство и не очекуваме негативни изненадувања. Тоа е важна порака и за економијата, и за регионот, и за Прилеп изјави Шекеринска.

Шекеринска рече дека има најава за неколку стратегиски инвеститори кои сега, необременети со милионски суми – долгови на компанијата, додаде, ќе покажат голем интерес.

-Ќе ги решаваме проблемите на долгорочен и стратегиски начин. Има најави за неколку стратегиски инвеститори, ќе разговараме со сите и за сите сме отворени. Секаде упатуваме порака дека ова е стратегиски капацитет, кој што државата сака да го реши за да го зачува и да го подобри бизнисот во Прилеп. Според првичните изјаснувања, очекуваме да имаме заинтересирани. Како Влада, последнава година покажуваме дека членството во НАТО и идното членство во ЕУ навистина влијае на економијата. Зголемувањето на бруто домашниот производ, отворањето на работни места, особено зголемувањето на странски директни инвестиции, кои, убедени сме дека ќе бидат заинтересирани и за „Еурокомпозит“, покажа дека со членството во НАТО им дадовме сигурност на потенцијални сегашни странски и домашни инвеститори, ијави министерката за одбрана Шекеринска при денешната посета на компанијата.

Според директорот на „Еурокомпозит“ Милан Тоцев, овој чекор што сега се направи е голем, а постепено и сите проблеми ќе се решаваат, како и исплатата на отпремнините и на заостанатите плати. Има работа и, според Тоцев, ќе се врати имиџот на „Еурокомпозит“.

-Во моментов имаме работа, работиме во три смени и сѐ е за извоз. Имаме порачки за Италија и за Албанија. Имаме договор со Министерството за внатрешни работи уште од 2015 година и се надеваме дека ќе го завршиме до крајот на годинава, а ќе бараме соработка и со Министерството за одбрана. Имаме 74 вработени и мислам дека ќе бидеме успешни, рече Тоцев.

Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски го поздрави решавањето на најголемиот проблем – долгогодишните неплатени придонеси на вработените и дека тоа ќе значи многу за прилепската економија.

-Ова е почетокот на крајот на 20-годишната голгота на работниците од „Еурокомпозит“. Сигурен сум дека компанијата ќе најде сили и ќе излезе на вистински пат за еднаш-засекогаш горливиот проблем да биде решен и фирмата да застане на „свои нозе“, рече Јованоски.