Секој деветти граѓанин на Србија е член на партијата на Вучиќ

Секој деветти граѓанин на Србија има членска книшка на Српската напредна партија на претседателот Александар Вучиќ, покажува анализата што ја направи „нова.рс“.

Анализата покажува дека со 750 илјади членови, српската владејачка партија наскоро ќе го надмине Сојузот на комунистите на Југославија, кој некогаш броеше околу 900 илјади членови.

До ваков заклочок е дојдено со споредување на вкупниот број жители на Србија од приближно 6,9 милиони и 750 000 членови на СНС, со што се доаѓа до едноставната пресметка дека секој деветти граѓанин во Србија е член на владејачката партија.

За споредба, за време на СФРЈ, со вкупно 23,3 милиони жители, во еднопартиски систем, СКЈ имал околу 900 000 членови, или секој 25. граѓанин бил член на партијата.

Во анализата направена е споредба и со другите земји и членството во владејачките партии, при што примерот на Србија станува уште повпечатлив.

Случајот со Србија не може да се спореди ниту со Кина, каде што секој 15. жител е член на единствената партија – Комунистичката, ако се спореди бројот на жители од 1,39 милијарди со 90.594.000 партиски членови.

Во Русија, пак, дури секој 70. жител е член на владејачката партија на претседателот Владимир Путин, ако се спореди бројот на жители од околу 147 милиони со бројката на членови на владејачката партија од 2.073.772.

Европските земји како Франција и Германија се далеку од овие бројки. Но колку за споредба, на пример, во Франција секој 157 жител е член на партијата на претседателот Емануел Макрон, имајќи предвид дека земјата има 66,99 милиони жители, а партијата Репувлика има 419.435 члена.

Христијанско-демократската унија на Ангела Меркел во Германија брои 407.350 членови, што во споредба со 80.159.662 жители, се добива податок дека секој 197. Германец е член на партијата на канцеларката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.