„Секогаш прв(и)“ – Костадин Костадинов се вмрежил со Боки 13

Портпаролот на СДСМ и пратеник во собранието, Костaдин Костадинов е во правна поврзаност со Бојан Јовановски (Боки 13), кој заедно со Катица Јанева и Зоки Кичеец е дел од обвинителско-медиумската група која изнудувала рекет од бизнисмени, пишува поратлот Економски лидер.

Како што се наведува во текстот, од 22 јуни 2017 година Костaдинов е дел од НВО организацијата на Јовановски „Меѓународен сојуз“. Тој, на свечен настан, тогаш како в.д градоначалник на Струмица, давал изјава за величествените хуманитарни дострели на Јовановски.

Останува истрагата да открие дали преку оваа организација осомничените изнудувале пари и дали Костадинов е поврзан со случајот.

Во продолжение Lider.com.mk го објавува целиот говор на Костадинов на свеченоста на организацијата на Боки 13:

Сакам на почетокот од ова мое кусо обраќање, да го споделам со Вас моето чувство на задоволство, што сум дел од оваа убава свеченост на Меѓународниот сојуз за цивилно општество и социјално загрозени категории, од мое лично име и од името на општина Струмица, да му ја честитам функцијата – Претседател на Меѓународниот сојуз – Скопје, на господинот Бојан Јовановски, и да му посакам успех во своето професионално делување. Се надевам дека Македонија ќе стане урнек за успешно цивилно општество во кое се помалку ќе има гладни и несреќни граѓани и семејства. Во исто време, се чувствувам исклучително среќен и горд поради одлуката на Меѓународниот сојуз – Скопје, да бидам прогласен за негов почесен член, а особено сум горд што како Општина Струмица имајќи го во предвид нашиот слоган „Секогаш први“ си застанавме и цврсто стоиме на зборот, токму јас прв во оваа држава, како градоначалник на општина Струмица, да бидам почесен член на овој Меѓународен сојуз, ви благодарам Боки. Покритието за таа моја надеж лежи во фактот што на функцијата в.д. градоначалник дојдов како наследник на долгогодишниот градоначалник на општина Струмица, Зоран Заев, кој на дело покажа дека е вистински урнек за хуманизам. Следејќи го неговото добро дело, се надевам дека ќе успеам да ги негувам и унапредувам вистинските вредности кои се базираат на подготвеноста да се подаде рака, секогаш кога е потребно и секому кому таа рака му е неопходна. Во таа смисла, првичната соработка со господинот Јовановски, веќе вроди со плод, па чинам дека сме на добар пат, да ги ставиме своите потписи на најавениот Меморандум за соработка помеѓу Меѓународниот сојуз за цивилно општество и општина Струмица, на взаемно задоволство, а пред се на задоволство на оние на кои ќе им бидат најпотребни плодовите од таа соработка. Искрено се надевам дека Програмата за работа на Меѓународниот сојуз ќе биде целосно исполнета, и дека тоа ќе биде еден од повеќето знаци дека во Македонија дуваат некои нови и многу пријатни ветрови, говорел Костадинов.

На написот реагираше Костадинов:

„Господа, можете да го споменувате моето име во најразлични контексти и сценарија, и тоа е ваше право. Јас сум чист и пред себе и пред граѓаните. Ве уверувам дека ние, СДСМ во следните денови ќе ви ги дадеме вистинските одговори. Во интерес на случајот да ги оставиме органите да работат и да не шириме шпекулации“.

„Тоа што пред 3 години заедно со други видни личности, меѓу кои, нашата кошаркарска легенда Владо Илиевски и тогашниот британски амбасадор господинот Чарлс Гарет, сум учествувал, како почесен член, во хуманитарни активности, очигледно немате капацитет да го разберете, бидејќи вие секогаш сте гледале само на вашите лични интереси наместо како да им помогнете на нашите сограѓани. За клеветите и навредите ќе се видиме на суд“, напиша Костадинов на фејсбук.