Секој трет ученик во Македонија има вишок килограми

Во Република Македонија три четвртини од смртните случаи се должат на незаразните болести. Најздравата храна не би требало да биде надвор од досегот на најсиромашните луѓе. Едно од три школски деца има вишок килограми или е дебело. Неопходна е физичка активности на учениците и промовирање и применување здрав начин на исхрана, истакнаа во вторникот учесниците на дводневната мултисекторска работилница за имплементација на Акцискиот план за незаразни болести на Република Македонија која се одржува во организација на Министерството за здравство.

Министерот за здравство Венко Филипче на отворањето на работилницата рече дека мора да се смени начинот на живот, затоа што, како што рече, се повеќе луѓе конзумираат високоенергетска храна, со високи концентрации на заситени и транс масти, сол и шеќер, а се помалку овошје и зеленчук и не се физички активни.

Нездравата исхрана и недоволната физичка активност имаат големо влијание врз зголемувањето на нашата телесна тежина и појава на дебелина. Ова е особено важно да се спречи кај децата затоа што навиките и телесната тежина стекната во детството многу е веројатно да се пренесе во подоцнежниот живот како возрасен и со тоа да придонесе за предвремена појава наодредени незаразни болести, како кардиоваскуларните и дијабетесот, истакна Филипче.

Владата на Република Македонија, нагласи, продолжува да ја поддржува Иницијативата на СЗО Европа за следење на дебелината кај децата во нашата држава преку Националната годишна програма за јавно здравје. Посочи дека досега спроведени се два круга, следниот круг на собирање на податоци треба да се случи напролет.

Владата и Министерството за здравство се посветени и фокусирани на борбата со факторите на ризик за појава на незаразните болести, а доминантни меѓу нив се исхраната, физичката неактивност, пушењето и алкохолот, истакна Филипче.

Според него, целта е да се иницира мултисекторска имплементација на Акцискиот план за незаразни болести, како и детално планирање на акции за периодот 2019-2020 година.

Водечки причини за смртност во Република Македонија се кардиоваскуларните и малигните заболувања. Оваа состојба мора да се промени во насока на спречување на предвременото умирање предизвикано од овие болести. Имајќи ги предвид податоците од истражувањата, кај нашето население пушењето и консумирањето на алкохол сè уште се сериозен ризик за предвремена појава на незаразни болести, рече Филипче и додаде дека Акцискиот план е во владина процедура и Владата ќе го донесе во најкраток можен период.

Шефот на Канцеларијата на Светската здравствена организација во РМ, Џихане Тавила рече дека три четвртини од сите болести во Македонија се должат на незаразните болести што е значително зголемување.

Значи три четвртини од смртните случаи се должат на незаразните болести во Македонија, што е значително зголемување од 1991 година досега. Незаразните болести се се поголем товар за здравствениот систем. Најздравата храна не би требало да биде надвор од досегот на најсиромашните луѓе. Компаниите не треба да го ставаат нивниот профит пред здравјето и најевтината храна не треба да биде и најопасна храна. Илјадници деца во државата се дебели. Најголем дел од нив не би биле дебели ако јадат здрава исхрана и се физички активни, посочи Тавила.

Потенцира дека Македонија една од земјите во европскиот регион на СЗО која нема да ги оствари глобалните цели до 2020 година во однос на намалување на употребата на тутунот, што е трагично бидејќи пушењето е трета најчеста причина за болести и смрт.

Во Македонија 46 отсто од луѓето на возраст од 15 до 64 години пушат. Со министерот ќе разговараме и за прашањето за оданочување на тутунските производи, додаде Тавила.

Директорот на Канцеларијата на СЗО за незаразни болести во Москва, Жоао Бреда, истакна Македонија е на врвот во групата земји во кои преваленцата на дебелина е над 30 отсто.

Едно од три школски деца има вишок килограми или е дебело. Ова е многу висока бројка. Шампион е Кипар, па следат Италија, Грција, Шпанија…Македонија е втора на скалата на најлошо стоечки земји во поглед на дебелината кај девојчињата. Ова се главни наоди од истражување. Неопходна е физичка активност во училиштата. Во училиштата во Македонија има 120 минути физичко. Во Унгарија секој ден децата имаат еден час физичко. Македонија има простор за подобрување на состојбата, за промовирање здрава исхрана и физичка активност, додаде Бреда.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.