Секој врв е тест на посветеноста – Претседателот Иванов го прими македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска гo прими македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ, по повод неодамнешното искачување на врвот К2, на Хималаите. Претседателот Иванов му честиташе на Здравко Дејановиќ кој е првиот алпинист од Република Македонија што го искачи К-2, еден од најопасните планински врвови во светот.

„Секој ваков успех е за почит и претставува мотив за нови достигнувања. Вие најдобро знаете дека искачувањето на секој врв е огромен предизвик кој може да се совлада само со верба во себе, посветеност и со пожртвуваност. Среќен сум што нашата земја има безброј вакви позитивни примиери, затоа што спортските успеси се тие со кои сите млади луѓе се идентификуваат“, рече претседателот Иванов, додавајќи дека и во иднина ќе продолжи безрезервно да ги поддржува ваквите успеси.

Дејановиќ се заблагодари за укажаната чест и внимание од македонскиот претседател, и ги сподели впечатоците и искуствата од искачувањето на Хималаите, како една од најсуровите планини во светот, и од врвот К2, кој досега го искачиле само 300 планинари во светот. Нашиот алпинист истакна и дека Република Македонија нуди прекрасни предели за развој на планинарството и алпинизмот и дека тоа треба максимално да се искористи.

„Важно е човек да си ги знае своите лимити и во согласност со нив да си ги поставува целите. Почнав со малите планини, чекор по чекор, скалило по скалило, дојдов до највисоките врвови. Со последното достигнување навистина се чувствувам исполнето, и за следната година планирам нови подвизи“, изјави алпинистот Дејановиќ.

Здравко Дејановиќ во 2010-та го искачи Монт Еверест, а мината година се обидел да го совлада и К-2, но времеските услови не го дозволиле тоа. Годинашното достигнување беше дел од меѓународната експедиција сочинета од Иранецот Реза Шахале и Шерпасот Мингма Гајле.