Секој втор Македонец пуши цигари, алкохол консумираат 65 отсто граѓани, а дрога земаат и малолетници

На возраст од 15 до 64 години активно пушат 46 отсто од граѓаните, 65 отсто консумирале алкохол, 24 отсто во текот на последниот месец користеле седативи, а околу 40 отсто барем еднаш земале седатив во текот на последниот месец. Во текот на животот околу девет отсто имаат земено каква било илегална дрога, а најчесто е застапена марихуаната со 8,2 отсто.

На возраст од 15 до 34 години активно пушат 40,2 отсто од граѓаните, 76 отсто консумирале алкохол, 14 отсто во текот на последниот месец користеле седативи, околу 60 отсто барем еднаш земале седатив во текот на последниот месец, а околу 15 отсто земале канабис.

Ова го покажуваат резултатите од истражувањето „Употреба на паихоактивни супстанции меѓу општата популација во Република Македонија“, чиј извештај денеска на прес-конференција го презентираше доктор Силвана Ончева од Институтот за јавно здравје. Со истражувањето биле опфатени 5.005 испитаници во скопскиот регион.

Таа посочи дека дрога најчесто земаат лица на возраст од 17 до 27 години, со исклучок на кокаинот кој го земаат лица над 30 години. Нагласи дека новите психоактивни супстанци се застапени кај еден процент од популацијата.

Имаме пушачка нација, во однос на алкохолот имаме слични резултати како и во другите држави, а марихуаната е најчесто користена дрога…Мажите користат повеќе супстанции за разлика од жените кои повеќе користат седативи, додаде Ончева.

Директорот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, Шабан Мемети рече дека дел од илегалните дроги се дистрибуираат и во Македонија. Употребата на илегалните дроги е околу два проценти, но, според него, загрижува фактот што таа има тренд на пораст и е поврзана со возраста. Појасни дека околу пет проценти од децата на возраст од 15 и 16 години се изјасниле дека пробале барем еднаш до два пати марихуана.

Недостигаат податоци за вкупниот број на возрасни лица кои користат психоактивни супстанци на национално ниво. Со поддршка на Министерството за здравство и согласно упатствата на Европскиот мониторинг центар за дроги и зависност од дроги од Лисабон, Институтот за јавно здравје беше координатор на проектот Глобално популационо истражување за дроги кое првпат се спроведе во Македонија, додаде Мемети.

Државниот секретар во Министерството за здравство Владимир Милошев рече дека почетна основа за спроведување на овој проект е фактот дека употребата и злоупотребата на дрогите е сериозен здравствен и социјален проблем во Република Македонија, што бара сериозен пристап.

Посочи дека деталната анализа на постојните документи во врска со оваа проблематика покажала дека има мал број податоци на национално ниво за опсегот на употреба на одделни видови психоактивни супстанци кај возрасното население што било и основен мотив да се реализира ваков тип истражување.

Податоците и сознанијата од оваа студија, претставуваат солидна основа за креирање на јавно-здравствените политики во иднина за превенција на употребата и злоупотребата на супстанците, со што ќе се намалат штетите по здравјето на индивидуата, семејството и општеството од таквото ризично однесување, додаде Милошев. (МИА)

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.