Секретарот за одбрана на САД: Криволак да го развиваме во полигон за поголеми и посложени вежби

Секретарот за одбрана на САД Лојд Остин испрати писмо до министерката за одбрана Радмила Шекеринска во кое се заблагодарува на честитката за неговото именување на функцијата секретар за одбрана и ни ја честита претстојната годишнина од членството во НАТО.

 „Северна Македонија е ценет пријател и сојузник и очекувам да ја продлабочиме нашата соработка во следните години. Честитки за претстојната годишнина од приемот во НАТО. Соединетите Држави високо го ценат придонесот на Северна Македонија во мисиите на НАТО во Авганистан, Ирак и Косово”, и напиша на Остин на Шекеринска.

Оддавајќи признание за 28-годишното партнерство со Националната гарда на Вермонт, секретарот за одбрана Остин го поздрави потпишувањето на Меморандумот за соработка во одбраната меѓу С. Македонија и САД.

 Изразувајќи очекување за продлабочување на соработката во 2021 преку активности како што е и американското учество  на вежбата „Одлучен удар 21“ чиј домаќин ќе биде нашата земја, секретарот за одбрана високо ја оценува иницијативата Криволак да го развиваме во полигон за поголеми и посложени вежби од кои ќе имаат бенефит нашите армиски сили, но и сојузниците, САД и НАТО.