Секторот за игри на среќа најави масовни протести

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа и Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија денеска во присуство на дел од нивните вработени одржаа предупредувачки собир пред Собранието на Македонија бидејќи спорниот Закон за игри на среќа повторно и без најава се обидува да се стави на гласање пред пратениците. Тие предупредија дека изгласувањето на измените ќе предизвика егзодус на 10.000 вработени во овој сектор, а гласањето за игри на среќа на црно нема да донесе гласови на изборите.

На собирот присуствуваа и дел од вработените од објектите за игри на среќа на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), со цел да упатат заедничка порака дека Владата продолжува насила да го носи законот, иако во изминатите месеци во медиумите се пишуваше за скандали поврзани со овој закон и сомнежи за политички влијанија и бизнис интереси.

– Сакаме да ја искористиме оваа прилика уште еднаш да им порачаме на сите пратеници, без разлика на нивната партиска, етничка и верска припадност дека гласањето за игри на среќа на црно не носи гласови! Воведувањето дистанца на објектите на 500 метри од образовни институции не е мерка за заштита на младината, туку мерка за затворање на легалните игри на среќа и создавање предуслови за играчници на црно. Тоа е вистината и ниту едно политичко образложение не може овој факт да го промени. Тогаш државата ќе нема никаква контрола а младината ќе биде вистински загрозена. Доволно е пратениците да се потсетат на аферата „Детонатор“, кога беа запленети 1.500 покер апарати поставени нелегално. Може само да претпоставуваме колку диви играчници по разни подруми ќе никнат доколку се стави клуч на легалните објекти за игри на среќа – истакна Горан Стоименов, претставник на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС).

Стоименов истакна дека не случајно во Албанија, тамошната Влада се откажала од четиригодишната забрана за игри на среќа поради отворањето диви играчници и ударот врз нивната економија. Нема држава во која се спровеле радикални чекори за затворање на легалните објекти за игри на среќа кои по автоматизам не предизвикале отворање игри на црно, велат од Асоцијацијата.

– Погледнете ја иронијата. Редовните критичари тврдат дека поради заштита на младината е неопходно да се затворат објектите за игри на среќа. Додека ние овде зборуваме за противуставните законски измени, државата овозможува преку интернет, игрите на среќа да станат достапни буквално на секој мобилен и статичен уред. Нема потреба да се оди до објектите, преку онлајн игрите на среќа доволно е од дома некој да се вклучи на платформа и да игра. Тоа некое мнозинство пратеници кое смета дека треба овие противуставни законски измени да се донесат по секоја цена ќе мора да ѝ објасни на јавноста зошто свесно и со умисла се откажува од 280 милиони евра годишни приходи во централниот Буџет од легалните игри на среќа. За илустрација, тоа е повеќе од 5 проценти од приходите планирани во предлог Буџетот за 2024 година – рече Стоименов.

Асоцијациите предупредуваат дека пратениците мора да бидат свесни дека изгласувањето на овие измени ќе предизвикаат егзодус на 10 илјади вработени во овој сектор, кои заедно со своите семејства ќе бидат принудени да се иселат и да си ја бараат егзистенцијата во западните земји, каде повторно ќе работат во индустријата игри на среќа. Станува збор за кадар кој е обучуван по највисоките светски стандарди за приредување игри на среќа.

– Како најголеми приватни работодавачи во државата, двете Асоцијации и Здружението на вработени, неколку пати баравме средби со Владата, Министерството за финансии, Собраниската Комисија за европски прашања. Сметаме дека е нормално еден ваков сериозен економски сектор да биде слушнат и преку една конструктивна дебата да дојдеме до најдобрите и реално применливи решенија. Денес уште еднаш предупредуваме и бараме надлежните да нѐ разберат многу сериозно. Подготвени сме до крај со масовни протести да се бориме против законски решенија кои ќе предизвикаат силни општествени потреси и ќе креираат хаос во еден многу чувствителен економски сектор. Наша обврска е да ги заштитиме нашите вработени, нивното уставно загарантирано право на работен однос и да застанеме во одбрана на македонската економија – рече Стоименов.

Претседателот на АСОМ Васко Илијевски порача дека новиот предлог закон за игри на среќа ќе предизвика затворање на една легална индустрија и ќе отвори широка врата на сивата економија и криминалот.

– Ова веќе се случи во сите држави од регионот каде се посегна по вакви радикални решенија. Од чиј интерес е да цвета криминалот со игрите на среќа и да се вратиме 20 години назад кога се играше во подруми на црно? Секој еден од овие луѓе кои ни се придружија денес директно ќе бидат погодени со губење на работното место ако се донесе овој неевропски, неуставен и монополски закон. Луѓето плаќаат кредити, голем дел од нив се родители кои ја планираат иднината на своите деца, сите тие се луѓе кои ќе бидат оставени без приходи – порача претседателот на АСОМ, Васко Илијевски.

Од секторот игри на среќа, потсетија и дека пред неколку дена Државниот завод за статистика соопшти дека 12.000 луѓе се иселуваат од Македонија на годишно ниво. Според нивната анализа, државата многу брзо ќе биде принудена да увезува работна сила.

 

Во своето обраќање пред медиумите, претседателот на АСОМ Васко Илијевски, потенцираше дека ставањето на законот на дневен ред е токму во момент кога свое обраќање во Собранието треба да има претседателот Стево Пендаровски, иако тој, „исто како и претставниците на ЕУ, вработените во секторот, здраворазмните јавни личности и експерти кои ги согледуваат негативните последици од овој закон – се спротивстави на неговото носење.“

Илијевски рече и дека она што го прави власта е целосно спротивно на здравиот разум.

– Додека Владата се обидува да наметне рестриктивен и нелогичен закон за лиценцираните приредувачи, тајно и на мала врата самата отвора нови бизниси и онлјан платформи со странски партнери, за кои пристигнаа информации во медиумите дека компании од соседна Бугарија се заортачиле со Владата. Кога ќе се поврзат сите овие случувања, повеќе од јасно е дека овој закон не е ништо друго туку обид да преземе пазарот на игри на среќа и целосно да биде контролиран од малкумина – рече претседателот на АСОМ.

Тој ги повтори пораките и дека доколку биде донесен овој неевропски, неуставен и монополски закон, повеќе од 10.000 вработени ќе бидат директно засегнати за своите работни места, со што ќе се предизвика затворање на легална индустрија, а пак ќе се отвори широка врата на сивата економија и криминалот, како што се случи во државите од регионот кои се одлучија за рестриктивни закони.

– Нашите вработени ќе бидат најголемата опозиција на следните избори доколку се продолжи со ова политичко насилство – потенцираше Илијевски.

Тој потсети и дека овој предлог закон е направен со низа небулози спротивни на пазарната логика, без соодветна анализа, истражување и користење на факти и аргументи, а пак Владата и институциите во ниту еден момент не ги консултирале легитимните претставници на 95% од лиценцираните компании во државата.

– Владата тенденциозно одбегнува дебата преку злоупотреба на европското знаменце, а извештајот на ЕУ кој го доби државата неодамна точно нотира дека се злоупотребува европското знаменце – порача Илијевски.

Тој упати порака и до граѓаните потенцирајќи дека е во интерес на АСОМ самата индустрија да напредува, играчите, малолетниците да се едуцирани и заштитени, а легислативата да се европеизира.

– Ние како компании работиме одговорно и чесно, вработуваме ваши пријатели, роднини и блиски. Одговорно тврдиме дека ова што го прави Владата е спротивно на тоа да ги регулира игрите на среќа – рече тој, додавајќи дека овој пат од Асоцијацијата нема да молат, туку директно ќе се заканат со масовен отпор и протести со какви што не се соочила Владата досега.

– Денешниот собир е симболичен приказ за нашиот став во однос на предлог Законот за игри на среќа, доколку нашите апели не се слушнат подготвени сме на масовни протести и сериозна борба со цел да го спречиме донесувањето на овој закон – заклучи Илијевски.