Села ја образложи оставката од челното место во Алијанса

Неповолните резултати од вонредните избори за Совет на Општина Тетово се причина Зијадин Села да поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Алијанса за Албанците, образложи самиот тој во неделата на прес-конференцијата во седиштето во Тетово, по средба со членовите на потесното претседателство на партијата.

„Разговаравме околу настаната политичка ситуација после изборите во Тетово. Јас стојам на секој збор кој го имам кажано, а тоа е дека Тетово не е само една општина, Тетово не е само еден град, Тетово е повеќе од тоа-само еден град. Резултатите во Тетово навистина е дека се надвор од секое наше очекување во врска со Тетово и јас како претседател на партијата сум спремен да преземам одговорност и од овој момент преземам одговорности давам неотповиклива оставка од претседател на партијата“, истакна Села.

Информираше дека во перидот кој следува, највисокиот орган на партијата, после два конгреси, Централното собрание, треба да заседава и да одлучи во врска со тоа кој ќе биде в.д претседател на партијата

-Ја користам приликата сега да им заблагодарам на сите мои поддржувачи, на поддржувачите на Алијансата за Албанците, на граѓаните кои вееруваа во нас и истовремено ги повикувам да веруват во Алијансата за Албанците бидејќи од овој процес ние ќе излезем уште посилни. Не би било демократски јас да се изјаснам кој треба да биде кандидат за претседател , бидејќи тоа е право на членството на Алијансата за Албанците и тоа е право на Централното собрание за в.д да избира, а не е мое право, порача Села.

Прашан зошто во Тетово партијата не успеа да освои ниту едно советничко место, тој рече дека ќе бидат направени потемелни анализи.

„Анализитите ќе се направат во Централното собрание на партијата и мислам дека од сега па натаму партијата треба многу да се грижи за сите тие. Да се грижи во смисол да ги става пред одговорност сите тие кои го саботираа процесот, на сите кои работеа, и се членови на Алијансата за Албанците, а се против Алијансата за Албанците“, рече Села.

Алијанса за Албанците почна да се формира од 2015 година кога Зијадин Села како член на ДПА го иницираше Движењето за реформи во ДПА. Потоа се формираше и партијата под името Алијанса за Албанците. На 27 март 2022 на вториот конгрес Села беше реизбран за претседател.