Села: Ми рекоа да се пазам од атентат кога ја подготвивме платформата на Албанците

Лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија рече дека не ја сфаќал политиката лично и дека постизборно ќе коалицирал со партијата која ќе ја прифати нивната платформа.

„Јас политиката лично не ја сфаќам, не е тоа со кого јас би сакал. Ние сме спремни да разговараме со секого кој ќе ја прифати платформата и програмата на Алијансата за Албанците, зошто таа платформа ќе добива гласови. Ако навлегуваме во тоа со кого имам јас лични работи, до некаде имам со сите лични работи. Со никого не сум скаран за некој да има причини да организира убивање на Зијадин Села. Тврдам дека нема личното мое да биде пречка за коалицирање со оној кој ќе ја прифати нашата платформа“, рече тој.

Според лидерот на Алијансата за Албанците, тој добил информација дека му се подготвувал атентат откако со албанските партии ја подготвиле платформата на Албанците.

„Кога ја спремивме платформата на Албанците ми рекоа дека треба да се пазам зошто ми се спремал атентат. Не е тајна дека имало служби од Србија на 27 април. Тоа беше моментот кога Македонија направи пресврт кон Европската Унија и НАТО, до тогаш беше државата свртена кон друг правец. Имаше и албанци кои се радуваа на тој настан бидејќи очекуваа дека ќе дојдат на власт со ВМРО-ДПМНЕ. Десното рамо на Ахмети, господинот Груби има слика како се гушка со син му на Мијалков. Јас имам информации дека јас требало да бидам ликвидиран, бидејќи кога толпата завршу работа со мене, веќе никој не оди кај Заев. Постојат такви снимки и јас ги имам“, рече Села.