Села останува на чело на Алијанса за Албанците

Зијадин Села нема да поднесе оставка од функцијата претседател на Алијанса за Албанците, барем не до одржувањето на Конгресот на партијата. Во текот на Централното собрание на партијата, Села рече дека како лидер има одговорност пред структурите и дека не може да ја остави партијата без претседател во ваков период на политички настани, како и дека за тоа дали повторно ќе се кандидира за прв човек на Алијанса, ќе одлучат партиските структури.

„Поднесувањето оставка во оваа ситуација би ја оставело партијата без претседател. Има политички случувања и јас во никој случај не би ја играл играта на оние кои не ѝ посакуваат добро на Алијанса за Албанците, а тоа се политичките опоненти. Јас сум должен да го ‘проголтам’ овој дел од одговорноста и да продолжам да бидат претседател на партијата сѐ до наредниот конгрес“, рече Села.

Имаше коментар и за новиот владин состав на чело со новиот мандатар, Димитар Ковачевски, за што Села рече дека владината коалиција можеби има уставно право за формирање нова Влада, но посочи оти таа нема легитимитет.

„Ковачевски не може да има никаков легитимитет, поради самиот факт што токму Зоран Заев победи на изборите со ветувањата и програмите што ги даде. Легитимитет нема ниту Али Ахмети и ДУИ кои изборите ги добија во 2020 година со само едно ветување – ветување за премиер Албанец за четири години, со промовирање фигури и импровизирање владини состаноци. Алтернатива не може да има легитимитет, бидејќи заедно со Алијанса за Албанците доби мандат да направи промени во албанското општество“, рече Села.

Алијанса за Албанците го одржа Централното собрание каде членовите расправаа за извештајот од локалните избори што се одржа годинава и формирањето комисија која ќе биде одговорна за организирање на партискиот конгрес кој се очекува да се одржи на 27-ми март.

Села во изјавате за медиумите додаде дека Алијанса за Албанците пролетта треба да ја дочека со завршен конгрес и консолидирани партиски органи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.