Села: Повлекувањето на законот за јазиците е предавство на СДСМ, ДУИ да ја напушти Владата

Алијансата за Албанците го нарекува „предавство на СДСМ“ повлекувањето на законот за употреба на јазиците, пренесува Алсат М.

Според Села, сегашната влада е формирана токму со условот за донесување на законот за употреба на јазиците и оти пратениците на Алијансата биле гарант за мнозинството во парламентот.

-Овие политички игри на СДСМ ми личат на нејзино враќање на својот идентитет и својот извор. Овој закон за употреба на јазиците требаше да се донесе во 2004 година како нормативен дел од охридскиот договор. Токму СДСМ и ДУИ беа тие кои не го донесоа овој закон тогаш, изјави Зијадин Села.

Села додава дека во овие случаи ДУИ веќе треба да ја преразгледа својата позиција на власт.

-Ова е кршење на договорот. ДУИ мора да седне и да разговара за ова прашање со Зоран Заев и ако не помине законот за употреба на јазиците, мора да ја напуштат владата, вели Села.