Селекторот Груби го пушта Ковачевски да игра само наместени натпревари

Oчигледно денес премиерот има дозвола да одговара само на пратенички прашања од власта или со фудбалски речник селекторот Груби го пушта да игра само наместени натпревари, рече пратеникот Петар Ристески од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница за собраниски прашања.

Ристески постави три прашања две од областа на здравството и едно од областа на правдата, ресори кои добија нови кадри со реконструкција на Владата и влезот на алијанса за Албанците.

Ристески го праша министерот за здравство, Фатмир Меџити, поточно укажа дека додека траеше пазарењето тој да биде министер „во здравствениот сектор се случуваше хаос, а пациентите останаа колатерална штета, немаше договори за инсулин, умираа од сепса, ретки бактерии“.

„Одговорност нема за Гордана од Прилеп, Благојче од Битола и деновиве малата Јана исто од Битола. Барам веднаш расчистување на случајот со малата Јана, а министерот Меџити и директорската на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Младеновска да се фатат за работа, а не да промовираат донации“, рече Ристески.

Второто прашање беше во врска со цистичната фиброза.

„По гласање на измените на соодветниот закон за набавка на лекови за ретки болести меѓу кои и цистичната фиброза ве прашувам  кога ќе го има лекот Трикафта за сите, потоа зошто на овие по 26 годишна возраст им се укинува правото за неплаќање на медицински услуги кога тоа е болест која има прогресија, и дали воопшто планирате и кога да има центар за болни од цистична фиброза зошто по 18 години се упатуваат на Клиниката за пулмологија каде нема услови за овие пациенти“, праша Ристески.

Ристески се осврна и на Извештајот на Стејт департментот кој е најлош извештај за состојбата со човековите права.

„Висока корупција, бавна правда е карактеристика за Извештајот. Според истиот Владата е најкорумпираниот елемент на државата, а корупцијата неизлечива болест за оваа Влада или краде кој ќе стигне, а корупција има во сите ешалони на власта. Ковачевски ако ветува ветинг треба да почне од себе, затоа новиот министер за правда Кренар Лога наместо да водите гол популизам треба да одговори што ќе преземе ваквите негативни извештаи да станат минато“, посочи Ристески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.