Селими: Шилегов цел мандат не може да заврши една улица, инфраструктурата во Шуто Оризари е како во Бангладеш

Советникот во Советот на Град Скопје од коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ „Роми обединети од Македонија“, Ерџан Селими, денеска на седница во Град Скопје вели дека она кое се прави од страна на Градот Скопје во општината Шуто Оризари е врв на лицемерието, затоа што има улици кои се крш како во Бангладеш, а треба цел мандат за да се заврши една улица, небаре се гради автопат од 100 километри, праша каде се проектите за граѓаните од 9-те милиони денари претходно и 3,5-те милиони денари кои се издвојуваат сега, Петре Шилегов нема отидено во општината да види во каква состојба се улиците, посочи тој.

„Ова што се прави со меѓуопштинските соработки претставува вистинско лицемерие на градот Скопје. Го разоткривме вистинско лице на градот Скопје, дека за едни општини е маќеа, а за други мајка. На 8-ми април се реализираше и првата меѓуопштинска соработка, каде се издвоиле 9 милиони денaри и тоа со 4 милиони денари учествуваше градот Скопје, а општината Шуто Оризари учествуваше со 5 милиони денари за партерно уредување околу спортската сала, каде по некоја си случајност се наоѓа и еден кафиќ таму, кој што со ова партерно уредување и како ќе си добие своја атракција. Како да во општината Шуто Оризари сите важни работи, како што е подземната инсталација, улиците се асфалтирани, па остана уште партерното уредување“, вели Селими.

Според него, оваа меѓуопштинска соработка, која е точка на дневен ред e само да послужи како предизборен поткуп и ништо друго.

„Го говорам ова од причина што очигледно градоначалникот нема појдено во општината за да види види во каква состојба се улиците, која треба да биде приоритет и сл. За разлика од оваа улица Боца Иванова која е денес предмет на овој дневен ред, имаме улици кои наликуваат на Бангладеш, тотално крш улици, а за пример ќе ги земам улиците: Метохиска, Овчеполска, Рељошестокрило, Карбуница, Виничка, Мелничка итн. Лицемерни сте затоа што со 9-те милиони претходно и со 3.5 мил сега, ќе можевте без никаков проблем да започнете со изградбата на новиот културен дом, проект кој што го ветивте на вашите гласачи„, критикуваше Селими.

Вели дека има дадено бројни предлози и амандмани за тоа каде и што треба да се направи, но за жал ниту еден единствен предлог не бил прифатен.

„Едноставно ова што го правите со Шуто Оризари е врв на лицемерието, а најголем доказ за тоа е и ул. Индира Ганди за која ви треба цел еден мандат за да се заврши, небаре таму се гради автопат од 100-тина км. Jас отворено ви велам дека нема да учествувам, односно нема да гласам за вакви меѓуопштински соработки. Нема да учествувам бидејќи ги занемарувате вашите проекти кои сте ги ветиле спрема жителите на општината Шуто Оризари, со образложение дека немате средства, ама ете имате пари за вакви незначајни, не приоритетни и лицемерни проекти“, истакна советникот Селими.