Селма од песната на „Бијело дугме“ го прослави 90-от роденден со специјално изненадување

Селма Бориќ, за која е напишана песната „Селма“ на групата „Бијело дугме“ вчера го прослави 90-от роденден и наздрави со Жељко Бебек, пејачот на легендарниот бенд, чиј глас ја оживеа нејзината љубовна приказна од младоста.

 Со порака на социјалните мрежи Бебек вчера и го честиташе роденденот на госпоѓа Селма, со зборовите „Мојата драга Селма го слави 90-от роденден…Среќен роденден од срце“ и објави заедничка фотографија со славеничката, што ја посети во нејзиниот дом во Загреб, каде што таа сега живее и каде наздравија со шампанско.

Автор на стиховите на познатата балада на „Бијело дугме“ е поетот и хуморист Владо Дијак, кој ги напишал уште во 1949 година, бидејќи бил вљубен во Селма, но тоа никогаш јавно не го признал.

Владо и таа се запознале во 1945 година.

– Јас во тоа време имав 16 години. Лежев со девојките на тревата, а Владо лежеше со момчињата наспроти. Тој ја кубеше тревата и ме гледаше цело време. Се чини дека тој беше заинтересиран за мене, а подоцна се запознавме на корзо. Еднаш ме сретна додека тргнував на пат, па го носеше куферот. Отидовме на станицата и тој ми помогна да се качам во возот. Имаше отворен прозорец и тој ми рече: „Селма, не се потпирај на прозорецот““, раскажа Селма пред неколку години за хрватските медиуми.

По оваа средба Владо Дијак напишал песна, а Селма не ни знаела каков впечаток оставила на него. Дури во 1962 година татко и ѝ го испратил весникот во кој биле објавени стиховите. Првпат „Селма“ ја слушнала песната во изведба на групата „Бијело дугме“ во далечната 1975 година на концерт во салата „Ватрослав Лисински“ во Загреб.

https://www.instagram.com/p/B1l8avMpg5N/?utm_source=ig_embed

Жељко Бебек барем еднаш годишно ја посетува Селма Бориќ, а тоа го направи и вчера на нејзиниот јубилеен роденден, а потоа заедничката фотографија од емотивната средба ја објави на социјалните мрежи. Сликата предизвика силни емоции кај неговите и секако, кај почитувачите на „Бијело дугме“ од целиот регион.