Семакедонскиот протест – мелем за народот, страв за власта

страшо ангеловски

Во неделата, на 25 април, ден Цветници, ден со длабока симболика за сите верујушти во божјото, во традиционалното, во моралното, во Скопје се одржа семакедонски протест за демократија, за слобода на неправедно осудените уставобранители, за слобода на окупираните институции и окупираната држава.

Протестот, извонредно успешен во својата организација, уште поуспешен во посетеноста и достоинственото однесување на реките луѓе и, можеби најуспешен во пораките кои ги испрати, покажа неколку работи:

1. Македонските иселеници меѓу кои уште од времето на поранешната СФРЈ се инфилтрираа, ги разнебитуваа, дури и физички ги ликвидираа тогашните удбашки структури, меѓу кои, последниве години, СДСМ, кое, иселениците ги смета за свои непријатели заради нивните изразено промакедонски чувства, вметна свои инсталации заради нивна натамошна поделба, полека се стабилизираат, обединуваат и, како такви, повторно стануваат замаецот на семакедонските активности…

2. Семакедонското обединување на иселеништвото, на денот на протестот, тивко и помалку срамежливо се преслика и овде, во Република Македонија. Оние кои на протестите што со пари на иселениците, а незнаено од кого организирани се одржуваа минативе неколку години, а кои за ефтини политички поени и себепромоција, буквално и не се степаа за да се доберат до микрофонот и да го промовираат својот “ултрапатриотизам“, сега, со подвиткана опашка, се поклонија пред моќта на сопствениот народ…

3. Реките народ, кои без “сендвичи и платени автобуси“ ги преплавија улиците на Скопје, а меѓу кои, што посебно радува, најмногубројни беа младите, за прв пат после толку време, во очите, во срцата, во повиците, ја носеа македонската енергија, која ја немаше последниве години, а која мене ме потсети на енергијата од деведесеттите години на минатиот век кога се создаваше независната македонска држава. Онаа енергија која, кога веќе успеа да ја создаде, ќе успее и да ја сочува македонската татковина…

4. Протестот, наспроти хулиганството и насилството на шаренореволуционерните платеници, го покажа достоинството и зрелоста на македонскиот народ, на младите, на мажите и жените, но и на оние највозрасните, оние на кои ниту инвалидската количка не им беше пречка да бидат таму, зашто за татковината се работи, а не за гола борба за власт, малку ефтина дрога, привилегии и грабеж…

5. Пораките од протестот беа јасни и прецизни – слобода за осудените уставобранители преку монтирани судски процеси, слобода за окупираните институции и окупираната држава, поништување на одредбите од договорот со Атина, прекинување на недостоинствените преговори со Софија и прекин на натамошната реализација на Тиранската платформа која ја разјадува унитарноста на Република Македонија. И, сето тоа сублимирано во една реченица – оставка на Владата на Заев и предвремени парламентарни избори…

6. И конечно, протестот покажа дека стравот и апатијата кои се чувствуваа во народот минативе години, исчезнаа како со рака однесени и им отстапија место на гордоста, достоинството и желбата да се сочува државата и да се урнат и казнат оние кои и нанесоа зло и се изживуваа со сопствениот народ…

Стравот лозкето го чува

Нормално, гарнитурата на власт, која со насилство и хулиганство ја узурпира власта, уплашена од пројавената народна волја на протестот, не можеше да изреагира поинаку, освен онака како што тоа го стори. Онака како што тоа го прави во целиот период на своето насилно владеење. Со омаловажување на сопствениот народ, со омаловажување на неговото достоинство и на неговата љубов кон Македонија. И повторно, со закани и со обид за заплашување преку институциите окупирани од нив.
Па дури и со кривична пријава за организаторот на протестот затоа што “со масовно групирање го довел во опасност здравјето на присутните“.
И токму тука е главната поента – вистинскиот организатор на овој протест е неспособната, криминална, непотистичка, квинслишка, поданичка кон соседите и меѓународната заедница, предавничка гарнитура на власт предводена од Зоран Заев. Заради нивните злосторства кон сопствената држава и сопствениот народ, заради изживувањето со уставобранителите, со болните на кои им го ускратија лекувањето и вакцинирањето, заради останувањето без работа на шеесеттина илјади луѓе, заради сите неправди кои лебдат во воздухот, заради… народот излезе на улиците.
Излезе за да им каже дека треба да си заминат. И ќе излегува уште онолку пати колку што е потребно. Зашто, народот е свесен – или Заев, или Македонија – тоа се две нешта кои не може да егзистираат истовремено. Затоа, за да постои Македонија, мора да замине Заев…

Ете заради тоа, а не заради повикот на кој и да е кој формално стои зад организацијата на протестот, граѓани со ослободен ум и македонска енергија излегоа на улиците. И, што е најважно,доколку час поскоро не поднесе оставка, токму оваа гарнитура ќе одговара за загрозување на здравјето на граѓаните, бидејќи свесно, иако знае дека треба да замине, ќе предизвикува нови и нови собирања на народот и изливи на огорченост и незадоволство.

Нам, на Македонците, сега веќе ослободени од стравот и апатијата, полни со македонската енергија, ни преостанува да чекориме понатаму, гордо и достоинствено, се’ до заминување на оваа власт.

А, потоа – потоа секому според заслуженото, според правдата и правдината!!!

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес