Семејството на починатиот од коронавирусот одбивало контакт со епидемиолозите, посочи Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче откри дека епидемиолозите имаат сериозен проблем со семејството на починатиот скопјанец, за кого вчера пост мортем беше утврдено дека бил позитивен на коронавирус, одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Лицето починало завчера во приватна болница, по што семејството го зело од болница и го погребало според сите верски и народни обичаи, без да се почитуваат протоколите за Ковид-19. Отпосле дознале дека посмртниот тест за коронавирус излегол позитивен.

„Многу беше тешко да се пристапи до семејството, кое апсолутно одбивало контакт со епидмиолозите, како за организирање на погребот така и во однос на давање податоци за контактите и присутните на погребот“, изјави Филипче.

53-годишниот скопјанец завчера без знаци на живот го донеле во приватна болница Скопје, по што му била направена реанимација, но докторите не успеале да го вратат во живот. Притоа му бил земен пост мортем брис за Ковид-19 , кој бил даден на обработка во Институтот за јавно здравје, вчера дошло известување дека починатиот бил позитивен на Ковид-19.

За погребување на починати од Ковид-19 има посебни протоколи. Посмртните останки се ставаат во лимен сандак и телото не се изложува. На погребите присуствуваат само членови на најтесното семејство и евентуално само едно верско лице.