Сенатот на Франција го ратификува НАТО-протоколот за Северна Македонија

Францускиот Сенат денеска го ратификуваше протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО. На официјалната интернет-страница беше објавено дека „Сенатот, во прво читање, го авторизира протоколот за пристапување на С. Македонија во НАТО.“

Според процедурата, откако помина во Сенатот, документот оди на усвојување во Националното собрание на Франција. Се очекува кон средината на ноември пратениците во Асамблејата да го одобрат протоколот што ќе значи дека Париз и официјално ја завршил постапката за потврда на приемот на С. Македонија во НАТО.

Италија и Велика Британија вчера ја финишираа процедурата на национално одобрување на пристапувањето на Македонија во Алијансатата. Досега 24 од 29 држави-членки го ратикуваа протоколот. Поради парламентарните избори во Шпанија закажани за 10 ноември, зачленувањето на земјава во НАТО нема да може да се официјализира на Самитот во Лондон на почетокот на декември туку тоа се очекува да се случи во првиот квартал од наредната година.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.