Сенатот на САД одобри санкции за компании вклучени во „Северен поток-2“

Американскиот Сенат гласаше со големо мнозинство за воведување санкции за компании кои работат на рускиот гасовод „Северен поток“, испраќајќи до претседателот Доналд Трамп предлог-закон со кој сигурно ќе бидат незадоволни европските држави што сакаат да добијат природен гас од проектот.

Мерката, која лесно ја изгласа Конгресот минатата недела, има за цел да спречи понатамошна изградба на гасоводот „Северен поток-2“ – инвестиција од 10,6 милијарди американски долари со кој се очекува да се зголеми двојно испораката на руски природен гас во Германија.

Американските законодавци предупредуваат дека големиот енергетски проект ќе испрати приходи од милијарди долари кај рускиот претседател Владимир Путин и значително ќе го зголеми политичкото влијание на Москва во Европа.

Европските влади го повикаа Вашингтон да не се меша во деловните работи на Стариот континент.