Сенегал до победата преку грешките на Полјаците

Во средбата од првото коло од Групата Х на Светското фудбалско првенство во Москва играчите на Сенегал ја совладаа Полска со 2:1 (1:0), а двата гола Сенегалците ги постигнаа по грешките на полските фудбалери.

Во првото полувреме двете репрезентации играа претпазливо, па и немаше изразени шанси за постигнување погодок. Сепак, Сенегал замина на одморот со предност од 1:0, откако по една пресечена топка во 38 минута неговите играчи добро отворија а фудбалерот на англиски Евертон Идриз Гуеје, шутираше од 18 метри, топката го закачи полскиот бег Ционек и заврши во мрежата.

По сиромашното прво полувреме, ниту второто не понуди подобар фудбал а Сенегал го удвои водството во 60 минута, повторно по грешка на Полјаците, Кришовјак од средината на теренот невнимателно упати повратна топка којашто ја прифати напаѓачот на Торино, Нианга кој штотуку доби сигнал од судијата да се врати во игра по укажаната помош поради повреда. Сенегалецот се впушти кон противничкиот гол, се обиде да го запре голманот Шчечни кој го напушти својот шеснаесетник, но не сакаше да ризикува исклучување, па Нианг лесно го заобиколи и погоди за 2:0.

Полјаците намалија дури во 86 минута од прекин, кога Зиленски од слободен удар нафрли во шеснаесетникот на Сенегал, а Кришовијак, кој беше виновникот за вториот гол на противникот со глава погоди за 1:2 давајќи ѝ на својата селекција малку надежи дека може да извлече реми. Меѓутоа, Полјаците не успеаја во тоа откако претходно во вториот дел не успеаја да реализираат две доби шанси. Во 51 минута слободен удар од дваесетина метри изведе Роберт Левандовски, но сенегалскиот голман Кадим Н’диаје одлично одбрани, а во 70 минута Пишчек нафрли на поблиската статива, а напаѓачот на Наполи, Аркадиуш Мили од само пет мери шутираше крај голот.

Претходно во оваа Грипа Х Јапонија ја совлада фаворизираната Колумбија со 2:1 (1:1) којашто уште во 3 минута остана со играч помалку откако директен црвен картон заработи Карлос Санчез кој со рака го сопре ударот на Шинџи Кагава во празната мрежа кој подоцна и го реализираше ударот од белата точка.

Во второто коло од 24-ти јуни се среќаваат денешните победници Јапонија и Сенегал, како и поразените во првото коло Полска и Колумбија коишто во меѓусебната пресметка ќе бараат рехабилитација и задржување на шансите да се мине групната фаза.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.