Сензационална победа на Гасли и Алфа Таури во Монца

Дваесет и четиригодишниот француски возач Пјер Гасли од италијанската екипа Алфа Таури, е сензационалниот победник на осмата трка од годинешното Светско првенство во класата Формула 1 возена во неделата на патеката во Монца за Големата награда на Италија.

Гасли стана првиот Французин со победа во трка во Формула 1 по 1996 година која ја оствари Оливие Пани во Монако, а екипата на Алфа Таури која некогаш се викаше Скудериа Торо Росо, оваа година го смени името кога екипата ја купи компанијата Ред Бул.

Решавачкиот момент на трката се случи во 26-от круг кога при голема брзина Шарл Леклер од Ферари удри во оградата, а трката беше прекината и на патеката се појави безбедното возило.

Актуелниот првак и водечки во генералниот пласман Британецот Луис Хамилтон од тимот на Мерцедес кој во тој момент суверено водеше во трката, се чини направи голема крешка влегувајќи во боксот на што немаше право, па беше казнет со 10 секунди. Поради тоа Хамилтон падна на крајот од колоната, а до крајот на трката успеа да се пробие до седмото место.

Шпанецот Карлос Сајнц јуниор од Мекларен заврши како втор, а трет беше Канаѓанецот Ленс Строл од Рејсинг Поинт, додека Финецот Влатери Ботес од Мерцедес беше петти. Во текот на трката се откажаа и Верстапен и Фетел.

Во Монца се случи уште еден куриозитет, односно тимот на Ферари првпат по 1995 година двата болида на италијанската екипа не ја завршуваат трката на „домашната“ патека.

За Гасли ова беше првата победа во кариерата, а втор подиум. Претходно беше втор на Големата награда на Бразил во 2019 година. Истовремено Гасли стана 109-от победник на трка во историјата на Формула 1.

Првпат по трката за Големата награда на Унгарија во 2012 година, ниеден од пилотите на „големата тројка“ – Мерцедес, Ферари и Ред Бул, не успеа да се качи на подиомот. Тогаш прв беше Хамилтон кој возеше за Мекларен, а второто и третото место ги заземаа пилотите на Лотус, Кими Рајконен и Роман Грожан.

Следната трка повторно ќе се вози во Италија, за Големата награда на Тоскана од 11-ти до 13-ти септември, на патеката Муџело.