Одговарајќи на новинарско прашање, премиерот Зоран Заев смета дека не смее да се обвинува цела една нација за фашизмот, мислејќи на бугарската, додавајќи дека како што не смее да се обвинува ниту италијанската, германската.
Тој додаде дека фашистичкиот окупатор ја има поставеноста на структури и групи, односно лидерства во историјата. Од спомениците и учебниците ќе се тргне само „бугарскиот“, но ќе остане „фашистички окупатор“.
– Треба да внимавате кога зборувате дали давате етнички предзнак на фашизмот – одговори премиерот Заев.
Бидејќи се меша во историјата, Заев беше прашан дали ќе стане член на историската комисија, на што одговори: „Јас само апелирам да го видите опфатот на историската комисија. Назначувањето или именувањето на фашистичкиот окупатор не е во делокруг на работата на историската комисија. Тие го работат делот на историската комисија, кој каков револуционер бил, за што се борел“.
– Историската комисија работи досега на завршени пет области или пет историски личности и продолжува понатаму да работи на Гоце Делчев. Ние зборуваме за политичкиот дел на одлучувањето кое се однесува на иредентизам, кое се однесува на провокативност и неевропски манири. Кога ќе видите во западно-европските земји, фашистичкиот окупатор нема етничка боја, национална боја. Затоа, секако на спомениците ќе остане „фашистички окупатор“, целта е да се избрише „бугарски“. Или ако има други одредени провокации, коишто испраќаат порака кон нацијата, а не кон фашизмот во тој период, не може да кажете дека градите искрено пријателство, добрососедство. Зборувам за спомениците, но и учебниците. Наше право и обврска е како ќе ги учиме следните генерации да го препознаат фашизмот, да го осудат фашизмот, да си ја учат историјата, а дел од нашата историја е фашистичката окупација – рече Заев.
Конкретните решенија кои ги бара претседателот Радев, а кои верувам дека ќе ги сработиме до крајот на годината, се патоказот, кратко и долго име, немешање во внатрешните работи и секако преговарачката рамка на ЕУ со Бугарија, одговори премиерот Заев на новинарско прашање поврзано со барањата од претседателот Радев за деблокада на преговорите.
– Ние и на непишано преземаме чекори, како што е говорот на омраза за што веднаш реагираат двете министерства за надворешни работи, но и самите институции, и ги преземаме дејствијата зошто пријателите токму тоа го прават – рече премиерот.