Серија А: Домашен дебакл на Наполи во дербито со Милан

Milan’s midfielder Brahim Diaz scores the goal in action during the Italian Serie A soccer match SSC Napoli vs AC Milan at ' Diego Armando Maradona' stadium in Naples, Italy, 2 april 2023 ANSA / CIRO FUSCO

Во дерби натпреварот од 28-то коло на италијанската Серија А, фудбалерите на Милан на гости го потопија водечкиот Наполи со 4:0, за кој македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас во игра влезе во 68 минута веднаш откако „Росонерите“ го постигнаа последниот погодок на мечот.

Ова е само третиот пораз на Наполи сезонава во којашто речиси сигурно ќе ја освои титулата , и тоа од сѐ уште актуелниот првак, а истовремено ова беше најава за скорешните четвртфинални дуели на двата клуба во Лигата на шампионите.

Наполи натпреварот го започна како што игра целата сезона и го притисна Милана, а првите две шанси не ги реализираше Џовани Симеоне. Но целиот тек на дербито се одвиваше во стилот Наполи напаѓаше и се обидуваше со 20 шута од кои само 4 во рамките на противничкиот гол, додека Милан постигна четири погодоци или половината од 8 удари директно во домашниот гол од вкупно 14 обиди. Сите други показатели убедливо се во полза на Наполитанците, но на крајот славеа Миланезите. Многуте промашувања на Наполи можеби се должат на фактот што не настапи моментално првиот стрелец на Серија А, Нигериецот Виктор Осимен.

Најдобар играч на Милан во првиот дел беше Браим Дијаз кој во 17 минута сѐ подготви за Рафаел Леао убаво да го префрли Мерет за водството на гостите. Потоа самиот Дијаз во 25 минута зголеми на 2:0. Наполи и покрај примените погодоци продолжи да напаѓа и во таков ритам го започна и вториот дел, но тогаш беше конечно скршен. Леао во 59 минута си поигруваше со Рајхмани и одлично откосо погоди за 3:0, а веднаш потоа Наполи првпат сезонава делуваше обезглавено. До крајот на мечот, во 67 минута погоди и Алексис Салемакерс.

Последен пат Наполи примил четири погодоци на еден натпревар в февруари 2021 година, тогаш од Аталанта.

И покрај поразот Наполи има големо водство на табелата со 71 бод, пред вториот Лацио со 55 бодови, а сега третиот Милан има 51 бод, бод повеќе од градскиот ривал Интер и Рома.

Римската „Волчица“ претходно во неделата со головите на Жоржињо Вијналдум во 57, Пауло Дибала од пенал во 88 о Стефан ел Шарави во 90+минута дома ја совлада Сампдорија која остана претпоследна 19-та со 15 бодови, дури десет помалку од зоната за опстанок.

Лацио со головите на Педро во 13 и на Сергеј Милинковиќ-Савиќ лесно ја доби домашната Монца која остана на 13-то место со 34 бодови.

Иако играчите на Специја постигнаа два погодока, Салернитена си замина со освоен бод. Гостите поведоа со автоголот на Матија Калдара во 43 минута, а израмни Елдор Шомуродов во 70 минута. Специја остана сега со 25 бодови остана на 17-то место веднаш на позициите за испаѓање, но има шест бодови предност пред 18-та Верона. Салернитана е 15-та со 28 бодови.

Болоња со брзо два гола на почетокот од мечот со конечните 3:0 дома го совлада Удинезе. Стрелци беа Стефан Пош во 3, Никола Моро во 12 и Муса Бароув во 49 минута.

Со победата Болоња со 40 бодови е осма и ги мина Фиорентина која има ист број бодови и е деветта, а Удинезе остана на 38 бодови и падна на десеттата позиција.

Во понеделник колото го затвораат дуелите Емполи – Лече и Сасуоло – Торино.