Серија А: Фиорентина избори настап во Европа

Fiorentina's midfielder Riccardo Saponara (R) in action during the Italian serie A soccer match ACF Fiorentina vs Juventus FC at Artemio Franchi Stadium in Florence, Italy, 21 May 2022 ANSA/CLAUDIO GIOVANNINI

Фудбалерите на Фиорентина изборија во саботата настап во европско натпреварување следната сезона, откако со 2:0 на домашен терен го совладаа Јувентус во средбата од последното 38-мо коло на италијанското првренство.

Стрелци за Фиорентина беа Алфред Данкан со удар од работ на шеснаесетникот во првата минута од судиското продолжение на провото полувреме и Николас Гонзалес од пенал во втората минута од судиското продолжение на натпреварот.

Со оваа победа Фиорентина го обезбеди седмото место со 62 бода, и следната сезона ќе игра во новоформираната Конференциска лига. Јувентус, пак, како четвртопласиран со 70 бодови од претходно имаше осигуран настап во Лигата на шамионите.

На крајот се покажа и дека победата не ѝ беше потребна на Фиорентија, бидејќи нејзиниот конкурент за седмото место Аталанта на својот терен во Бергамно загуби на свој терен од Емполи со 0:1, со убавиот погодок на Лео Штулац во 79 минута. Така Аталанта остана осмопласирана со 59 бодови, и мора да се надева дека Рома во среда ќе ја освои Конференциската лига и ќе отвори уште едно место во еврокуповите за италијанските клубови. Емполи првенството го заврши на 14-то место со 41 бод.

Лацио и Верона одиграа во Рим без победник 3:3. Гостите имаа водство од 2:0, преку Џоване Симеоне во 6 и Кевин Ласања во 14 минута, но домашните брзо возвратија со израмнување кое го донесоа Жован Кабрал во 16 и Филипе Андерсон во 29 минута, а резултатскиот пресврт го направи Андерсон со погодокот во 62 минута. Сепак, ремито беше дело на Мартин Хонгла во 76 минута.

Лацио првенството го заврши на петтото место со 64 бодови, еден повеќе од градскиот ривал Рома која заврши како шеста и двата клуба следната сезона ќе настапат во Лига Европа. Верона, пак, заврши на деветтото место со 53 бодови.

Џенова се прости од италијанската фудбалска елита со домашниот пораз од Болоња со 0:1, а стрелец беше Муса Баров во 66 минута. Но Џенова и пред последното коло беше сугурен патник во Серија Б, заврши претпоследна 19-та со само 28 бодови, и историски само четири победи оваа сезона во Серија А. Болоња е 12-та со 46 бодови.

Во недела ќе падне одлуката за новиот италијански шампион. Милан е водечки со 83 бодови, два повеќе од градскиот ривал Интер, а во 18 часот на распоредот се дуелите Сасуоло – Милан и Интер – Сампдорија. На Милан му е доволен и бод или да не победи Интер, поради подобриот соодност. Интер, пак, може да ја одбрани титулата само со своја победа и истовремено „Росонерите“ да бидат победени кај Сасуло.

Во недела напладне Наполи на македонскиот репрезентативец Ељиф Елмаз гостува кај Специја, во натпревар кој нема особено значење, зашто домашните го имаат обезбедено опстанокот, а наполитанците како трети директниот пласман во Лигата на шамионите.

Од друга страна во преостанатите два натпревара се очекува грчевита борба за зачувување на прволигашкиот статус. Имено, 18-от Калјари со 29 бодови гостува кај последната Венеција, и ќе мора да победи и да се надева дека Салернитана, која е 17-та со 31 бод, нема да победи на домашен терен во дуелот со Удинезе.