Серија А: Кикс на Милан, Наполи сигурен

Napoli's foreward Victor Osimhen in action during the Italian Serie A soccer match SSC Napoli vs Empoli FC at ' Diego Armando Maradona' stadium in Naples, Italy, 8 november 2022 ANSA / CIRO FUSCO

Само еден бод, и тоа во дуел без голови, освоија фудбалерите на Милан на гостувањето кај Кремонезе во последниот дуел во вторникот во рамките на 14-ти коло од италијанското првенство.

Во текот на целиот натпревар Милан беше доминантен. Во првото полувреме најдобрата шанса ја промаши Ориги, а во продолжението топката одеше често крај голот на домашните но ниеднаш не заврши во мрежата. Во самиот финиш Лазетиќ ја пропушти одличната шанса „Росонерите“ да дојдат до трите бода.

Милан остана вторпласиран со 30 бодови, на со три помалку и меч помалку го следат Лацио и Аталанта. Кремонезе е единствениот клуб во Серија А кој сезонава сѐ уште не остварил победа, а со седум бодови моментално е 18-ти, а може да падне и на самото дно по завршувањето на колот.

Наполи, за кого последните половина час ги одигра Ељиф Елмас, пред своите навивачи беше сигурен со 2:0 против Емполи. Отпорот на гостите беше конечно скршен во последните дваесеттина минути. Прво Хирвинг Лозано реализираше пенал во 69 минута, пет минути подоцна гостите останаа со играч помалку откако беше исклучен Себастијано Лоперто, а во 88 минута победа ја потврди Пјотр Зјелински по асистенција на Лозано.

Наполи сега на врвот му бега на Милан за осум бодови, а Емполи моментално е 14-ти со 14 бодови.

Специја ремизираше дома со 1:1 со Удинезе. Домашните поведоа во 33 минута преку Аркадиуш Реца, а гостите израмнија со голот на Санди Ловриќ десет минути подоцна.

Удинезе моментално е на осмото место со 24 бодови, а Специја е 16-та со десет бодови.

Во среда се среќаваат Лече – Аталанта, Сасуоло – Рома, Фиорентина – Салернитана, Интер – Болоња и Торино – Сампдорија, додека во четврток колото ќе го затворат Верона – Јувентус и Лацио – Монца.