Серија А: Лесна победа на Аталанта, Интер со пресврт до трите бода

Atalanta BC vs UC Sampdoria at the Gewiss Stadium in Bergamo, Italy, 28 January 2023. ANSA/PAOLO MAGNI

Фудбалерите на Аталанта едноставно ги впишаа новите бодови откако во последниот саботен меч од 20-то коло на италијанската Серија А на домашен терен во Бергамо ја победија Сампдорија со 2:0.

Данецот Јоаким Маехле во 42 минута го постигна првиот гол за Аталанта, додека во 57 минута конечниот резултат го постави Адемола Лоокман. Токму Нигерискиот напаѓач е најмногу заслужен за последните успеси на тимот од Бергамо откако во последните четири натпревари постигна седум погодоци – по два на Салернитана и на Јувентус во првенството и два на Специја во домашниот куп.

Аталанта во моментов е четвртопласирана со 38 бодови, колку што има и третиот Милан но со подобра гол разлика и меч помалку, а само бод повеќе од петтиот Лацио и шестата Рома кои имаат, исто така, натпревар помалку. Сампдорија е претпоследна 19-та со само 9 бодови, дури осум помалку од зоната на опстанок.

Претходно во саботата милански Интер успешно го заврши гостувањето кај Кремонезе, совладувајќи го последниот тим на табелата без ниедна победа и само осум бодови, со 2:1 и тоа со пресврт.

Дуелот не започна добро за „Нераѕурите“, бидејќи во 11 минута нивната мрежа ја затресе со фантастичен погодок Давид Окереке. Нигерискиот играч шутираше откосо од речиси 20 метри и одлично погоди под самата пречка за водството на тимот од Кремона. Но по десет минути Интер израмни преку Лаутаро Мартинез, а во 65 минута Аргентинецот во манир на искусните голгетери најдобро реагираше во мешаница пред домашниот гол за 2:1. Кремонезе до крајот на дуелот имаше неколку шанси да се спаси од пораз, но Интер го издржа притисокот и сега е на второто место со 40 бодови, десет помалку од водечкиот Наполи а два пред градскиот ривал Милан кои имаат меч помалку.

Во првиот саботен дуел Торино со два погодока во финишот се спаси од пораз кај Емполи кој имаше водство до 2:0/ Домашните поведоа во 37 минута преку Себастијано Луперто а водството го удвои Разван Марин во 69 минута. Гостите заминаа со бод благодарејќи на головите на Самуеле Ричи во 82 и Антонио Санабрија во 85 минута.

Торино дојде до осмото место на табелата со 27 бодови, десет помалку од последното место кое води во европските купови следната сезона, а Емполи остана десетти со 26 бодови.