Серија А: Победи на Лацио, Џенова и Емполи

Фудбалерите на Лацио, Џенова и Емполи остварија победи во последните натпревари од 11. коло на италијанското фудбалско првенство.

Лацио на римски „Олимпико“ го победи Каљари со 2:1. Домашните поведоа во 2. минута со голот на Булаје Дие, израмни Жито Лувумбо во 41. минута, а Матија Закањи го реши натпреварот од пенал во 76. минута. Приказната беше заклучена во 79. минута кога гостите останаа со двајца играчи помалку. Прво Јери Мина доби втор жолт за прекршок, а потоа и Мишел Адопо поради приговор.

Преостанатите два натпревара завршија со резултат 1:0.

Џенова ја победи Парма на гости, а Андреа Пинамонти го постигна решавачкиот гол во 79. минута. За гостите од 86. минута настапи и Марио Балотели, кој по 1.700 дена се врати во италијанскиот фудбал играјќи во Серија А. Каприциозниот италијански напаѓач е без клуб од јуни кога ја напушти Адана. Во текот на кариерата играше за четири италијански клубови, Интер, Милан, Бреша и Монца, а го носеше и дресот на Манчестер Сити, Ливерпул, Ница…

Емполи со истиот резултат го победи Комо, а голот го постигна Пјетро Пелегри во 47. минута. Тоа е прва победа на Емполи во последните шест кола.

На табелата води Наполи со 25 бодови, второпласиран е Интер со 24 бодови, а потоа следат Аталанта, Фиорентина и Лацио со по 22 бода.

РЕЗУЛТАТИ:
понеделник:
Емполи – Комо 1:0
Парма – Џенова 0:1
Лацио – Каљари 2:1

недела:
Наполи – Аталанта 0:3
Торино – Фиорентина 0:1
Верона – Рома 3:2
Интер – Венеција 1:0

сабота:
Болоња – Лече 1:0
Удинезе – Јувентус 0:2
Монца – Милан 0:1