Серија А: Победи на Милан и Рома

Фудбалерите на Милан во 21. коло на италијанското првенство во саботата вечерта како гости го совладаа Удинезе со 3:2 (1:1) во меч полн со пресврти. Подобрата игра Милан ја круниса во првиот половина час со водечкиот гол на Лофтус-Чик во 31., а веднаш потоа следуваше пауза од пет минути. Голманот на Милан, Маињан ги загуби нервите, тврдејќи дека домашните навивачи го навредуваат на расна основа и одби да остане на теренот. Лут замина во соблекувалната и се врати дури по убедување на соиграчите.

Недолго по продолжувањето на мечот, Самарџиќ во 42. минута постигна прекрасен погодок за 1:1, а Тавин во 62. минута кон средината на второто полувреме погоди за предност на Удинезе од 2:1. Сепак, домашните не го издржаа завршниот притисок на Милан, Јовиќ во 83. успеа една одбиена топка да втурне во домашната мрежа за 2:2, а Окафор во третата минута од судиското продолжене на мечот по изведениот корнер обезбеди победа за Милан.

Третопласираниот Милан сега има 45 бодови, шест помалку од градскиот ривал Интер и четири од второпласираниот Јувентус, кои имаат и меч помалку.
Удинезе остана 16-ти со 18 бодови, колку што има 17-от Каљари, а само бод помалку има 18-та Верона која е во зоната за испаѓање.

Претходно во саботата, под водство на новиот тренер, нејзиниот легендарен играч и поранешен капитен Даниеле Де Роси, Рома како домаќин ја совлада Верона со 2:1 (2:0). Рома доминираше во првото полувреме и поведе со 2:0 со головите на Лукаку во 19. и Пелегрини во 25. минута, но потоа ситуацијата на теренот се искомплицира. Во 66. минута Ѓуриќ не искористи пенал за гостите, па Фолоруншо во 76. минута потоа намали на 1:2. Сепак, Рома успеа да ги сочува трите бода до крајот на натпреварот.

Рома сега е седма на табелата со 32 бода.