Американскиот експерт за Балканот и поранешен пратеник во Босна, Даниел Сервер, смета дека протестите во Босна се пример, кој другите земји во регионот треба да го одбегнат и дека не постојат услови за нивно повторување во другите балкански држави, пренесува МИА.
Сервер, во интервју за косовската агенција ИБНА, беше прашан дали по протестите во Босна, може да се очекуваат слични протести во Македонија или во Косово. Социјалните проблеми во босанскиот град Тузла предизвикаа низа протести на почетокот на февруари, во кои беа запалени владини згради во Сараево и Тузла.
„Косово и Македонија не беа изложени на стагнацијата која и се случи на Босна и Херцеговина во изминатите осум години. Договорот со северот на Косово отстрани една можна причина за нестабилност. Во Македонија, мислам дека членството во НАТО би придонело кон чувството дека земјата се движи во добра насока. Нормалниот политички процес и во Косово и во Македонија е многу подобар отколку во Босна, која е хендикепирана од Устав, кој овозможува националистите да останат на власт и не остава простор политиката да се води околу политичките прашања. Граѓаните на Косово и Македонија треба внимателно да ја следат Босна, бидејќи тоа е модел кој треба да се избегне“, вели Сервер во разговорот за ИБНА, во кој оценува дека перспективата за Косово е да се претвори во среќно и здодевно место на Балканот.
Американскиот експерт за Македонија додава дека спорот со Грција е единствен проблем за државата, која ги исполнува условите за членство во НАТО.
Според Сервер, приемот во НАТО треба да се реши согласно Времената спогодба, под времената референца Поранешна Југословенска Република Макдонија, додека за евентуалното членство во Европската Унија ќе биде потребно решение на спорот со Грција.