Шест голови во ремито на Мајнц и Лајпциг

Во првиот дуел од 32-то коло на германското фудбалско првенство, Мајнц и РБ Лајпциг одиграа без победник 3:3.

Гостите двапати имаа водство од два гола разлика, но Мајнц успеа да остане непоразен. Лајпциг дојде во водство од 2:0 со погодоците на Лукас Клостерман во 20 и 32 минута, а пред крајот на првото полувреме во 43 минута намали Карим Онисава. Но веќе на почетокот од вториот дел Тимо Вернер во 49 минута ги доведе гостите во водство од 3:1. Сепак, Мајнц остана непоразен со головите на Муса Ниакате во 67 и Жан-Филип Матета во 83 минута, во мечот кој беше израмнет и во сите други статистички показатели.

РБ Лајпциг го задржа третото место со 65 бодови, на кое ќе остане до крајот на првенството затоа што четвртиот Ајнтрахт има 11 бода помалку на две кола пред крајот. Лајпциг втора сезона по ред обезбедува настап во Лигата на шампионите. Мајнц е 12-ти на табелата со 37 бодови и го има обезбедено опстанокот.

Во сабота се на програмата дуелите Херта – Штутгарт, Волсфбург – Нирнберг, Борусија Менхенгладбах – Хофенхајм, Баерн – Хановер, Вердер – Борусија Дортмунд, а во недела се играат натпреварите Шалке 04 – Аугсбург, Фрајбург – Фортуна и Баер Леверкузен – Ајнтрахт.