Сеул обвинува локална црква за новиот бран на коронавирусот и бара милионска отштета

(Photo by ED JONES/AFP via Getty Images)

Властите на јужнокорејската престолнина Сеул објавија во петокот дека ќе побараат четири милиони американски долари отштета од презвитеријанска црква поради попречување на напорите за следење и тестирање на жителите на коронавирусот.

Новиот бран на коронаинфекцијата се разгоре во презвитеријанската црква чиишто членови излегоа на масовен протест во Сеул кон средината на август, со што главниот град на Јужна Кореја стана жариште на коронавирусот во земјата. Повеќе од еден месец областа на Сеул бележеше троцифрена бројка на зарази на дневно ниво.

Владата на градот Сеул објави дека ќе подигне тужба против црквата СаРанг Џеил и нејзиниот пастор Џун Кванг-хун, кој е познат како остар критичар на владата, бидејќи „придонеле за повторно ширење на Covid-19 со одбивањето и попречувањето на епидемиолошките истражувања и поднесувањето лажни материјали“ и ќе бара отштета од четири милиони долари.

Јужнокорејскиот систем за здравствено осигурување, исто така, најави дека ќе ја тужи оваа црква, којашто некои ја сметаат за секта, и оти ќе бара обештетување од 4,7 милиони американски долари.

Јужнокорејскиот Центар за превенција и контрола на болестите извести дека во четвртокот биле регистрирани 126 нови случаи на зараза со коронавирусот. Досега од почетокот на пандемијата, во земјата се регистрирани 22.783 случаи на зараза, од кои досега оздравеле 19.771 пациент, а забележани се 377 починати.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.