Сеул смета дека мажот кој пребега во Северна Кореја е поранешен бегалец од таму

Мажот кој успеал да ја мине добро утврдената граница и од Јужна влегол во Северна Кореја минатата седмица веројатно е државјанин на северна Кореја кој пребегнал на Југото во 2020 година во иста област, соопшти во понеделникот јужнокорејското министерство за одбрана.

Здружениот команден штаб на армијата на Јужна Кореја (JCS) соопшти дека спровел операција на потрага откако во саботата било забележано лице на источната страна на Демилитаризираната зона (DMZ) којашто ги раздвојува двете Кореи.

„Властите претпоставуваат дека лицето е пребегот од Северна Кореја и во постапка е проверка на фактите“, се наведува во објавата на министерството за одбрана во Сеул.

Функционер на министерството ги брифирал новинарите дека се верува оти мажот на 30-ина години дошол во Јужна од Северна Кореја во ноември 2020 година.

„Снимките покажаа дека идентично изгледал и бил облечен како лицето коешто пребега од Северна Кореја во 2020-та“, рекол неименуваниот јужнокорејски функционер.

Додал дека властите во Сеул не сметаат во моментов дека станува збор за шпионажа.

Јужнокорејските медиуми пишуваат дека наводно гимнастичкото искуство му помогнало на мажот да се качи на оградата, но бриферот тоа за новинарите не можел да го потврди.

Пребегнувањето се случува во време на строгата контрола на границите меѓу двете земји, особено во услови на пандемија на коронавирусот.

Северна Кореја на почетокот од 2020 година ги затвори границите. Нејзините погранични сили во септември истата година усмртија јужнокорејски службеник во агенцијата за рибарство кој исчезнал на морето, извинувајќи се подоцна а како причина ги наведе строгите погранични протоколи поради Covid-19. Два месеца подоцна севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун прогласи вонредна состојба и затвори пограничен град откако претходен севернокорејски пребег, за кој се тврдеше дека имал Covid-19, илегално минал од Јужна во Северна Кореја.