Северна Европа се подготвува за голема бура

Mетеоролошките служби во Северна Европа предупредуваат за силна бура, која ќе доведе до нарушување на сообраќајот на превозни средства, поплави, обилни снежни врнежи и пораст на нивото на Северното Море, пренесе „ДПА“.

Британската метеоролошка служба наведува дека на одредени места ветровите можат да достигнат брзина од 145 километри на час, а најтешка ќе е ситуацијата во северна и западна Шкотска. Таму се очекуваат поплави и се предупредува луѓето да бидат подготвени за проблеми во сообраќајот во крајбрежните зони.

Северна Германија исто така се подготвува за бурни ветрови со брзина од над 140 километри на час, што се очекува да ја зафатат земјата денес и да продолжат и утре.
Бурата што ќе доведе до поројни дождови и обилни врнежи, ќе донесе и ниски температури.

Се очекува најтешко да е погоден Хамбург. Таму аеродромот веќе ги предупреди патниците за можни одложувања и откажување на летовите. При слична бура во Хамбург во 1962 година загинаа 315 лица, потсетуваат агенциите.

Бурата ќе влијае и на западна Данска. Сообраќајот на возовите ќе биде ограничен. Западна и јужна Норвешка исто така се подготвуваат за бурата. За денес се прогнозирани силни ветрови и во јужните и југозападните делови на Шведска.

На пладне, во период од 26 часа ќе биде запрено движењето на регионалните возови заради бурата. Ќе бидат откажани и фериботите меѓу Шведска и Полска и меѓу Шведска и данскиот остров Борнхолм.

Во очекување на бурата се и делови на Белгија, Франција и Холандија. Во Северното Море водите може да се зголемат до рекордно ниво за последните 30 години, пренесе „ИТАР – ТАСС“. Според компјутерски симулации тие може да достигнат ниво и до 6,1 метри.