Северна Кореја и САД ќе одржат работни состаноци на 5-ти октомври

Северна Кореја и САД договориле работни состаноци на 5-ти октомври, објави севернокорејската државна новинска агенција KCNA во вторникот, за преговорите за кои се верува дека можат да го надминат застојот што настана по неуспешниот втор самит на двајцата челници во февруари.

Разговорите чија цел е замирањето на севернокорејските нуклеарна и ракетна програма тапкаат во место по втората средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун која се одржа во февруари во Виетнам.

Двете држави договориле дека ќе одржат прелиминарни контакти на 4-ти октомври, по што ќе се одржат работните состаноци, според пишувањето на KCNA, која се повикува на соопштение потпишано од заменикот министер за надворешни работи, Чое Сон Хуи.

„Делегатите на Демократска Народна Република Кореја се подготвени да влезат во работни преговори со САД“, соопшти Чое, додавајќи дека очекува тие разговори „ќе го забрзаат позитивниот развој“ на односите меѓу двете држави.

Иако Пјонгјанг последните месеци покажува волја за преговори, пораките од тамошните државни медиуми наведуваа услов дека Вашингтон мора да биде пофлексибилен.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео претходно во септември изјави дека САД се подготвени за средба со севернокорејските колеги, истакнувајќи ја важноста на ваквите преговори.

Поранешниот советник на Белата куќа за национална безбедност, Џон Болтон, во понеделникот коментираше дека Северна Кореја нема намера да се откаже од своето нуклеарно оружје.

„Јасно е дека Северна Кореја не донела стратешка одлука да се откаже од нуклеарното оружје. Всушност, мислам дека токму е спротивното. Под сегашните услови, Ким никогаш нема доброволно да се откаже од нуклеарното оружје“, рече на предавање во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, Џон Болтон, тврдолинијаш во односите со Северана Кореја и Иран, кој пред три седмици беше разрешен од должноста.