Северна Кореја истрела нови проектили, во Јужна пристигнува американски носач на авиони

Северна Кореја истрела нови два балистички проектили со кус дострел во морето близу својот источен брег во понеделникот утрото, соопштија јужнокорејската војска и јапонската крајбрежна стража во најновата серија лансирања додека американски носач на авиони се очекува да пристигне во Јужна Кореја.

Севернокорејските проектили се истрелани од покраината Северен Хвангве во 7,47 часот по локално време и прелетале околу 370 километри, соопшти Јужнокорејската здружена команда (JCS). Според јапонската влада, се чини дека двата проектила паднале надвор од јапонската ексклузивна економска зона.

Лансирањето доаѓа во периодот кога американскиот носач на авиони „USS Nimitz“ и бродовите од неговата пропратна ударна група треба во вторникот да се вкотват во јужнокорејската поморска база во југоисточниот пристанишен град Бусан.

Пред пристигнувањето, американскиот носач треба да организира заеднички поморски маневри со јужнокорејските сили во понеделникот во близна на јужниот брег на Корејскиот полуостров, соопшти јужнокорејското Министерство за одбрана.

Планираната посета на американскиот носач на авиони, прва таква по посетата на носачот „USS Ronald Reagan“ ланскиот септември, е договорена во рамките на плановите на САД да распоредат повеќе американски нуклеарни „стратешки средства“ во областа на Корејскиот полуостров и воопшто во Индопацификот за одвраќање на Северна Кореја, според официјален Сеул.

Војската на Јужна Кореја „силно ги осуди“ повторените севернокорејски лансирања на проектили како „сериозна провокација со којашто се кршат резолуции на Советот за безбедност при Обединетите нации“ и повика на „моментален прекин“ на таквите севернокорејски активности.

Јапонската влада ѝ вложила „силен протест“ на Северна Кореја, наведувајќи дека нејзините лансирања проектили „се закана за безбедноста и мирот на Јапонија, регионот и меѓународната заедница“.

Американската Индо-пацифичка команда соопшти дека „најновите лансирања не претставуваат непосредна закана за американскиот персонал“ или за сојузниците на САД. Меѓутоа, проектилите го „нагласуваат дестабилизирачкиот ефект на севернокорејското незаконско оружје за масовно оружје и програмата за балистички проектили“, се додава во американското соопштение.

Северна Кореја изминатите седмици ги зајакна своите воени тестирања, вклучително и лансирањето на повеќе балистички проектили со кус дострел, интерконтинентална балистичка ракета, подводен дрон, крстосувачки проектили во средата за коишто од Пјонгјанг објавија дека биле насочени на увежбување тактички нуклеарен напад врз агресивни непријателски сили.

Северна Кореја, исто така, порача дека станува збор за демонстрирање подготвеност на Пјонгјанг да одговори на зачестените големи американско-јужнокорејски маневри со учество на сојузнички сили од регионот, кои ги доживува како подготовка за инвазија врз нејзината територија.

Генералниот секретар на јапонскиот владин кабинет Хироказу Матцуно изјави дека Северна Кореја веројатно ќе ги зајакне провокативните активности, вклучително и можно нуклеарно тестирање. Вашингтон и Сеул речиси една година тврдат дека секој момент Пјонгјанг може да го изведе неговото прво нуклеарно тестирање по 2017 година.

Во петокот Северна Кореја соопшти дека тестирала нов подводен напаѓачки дрон кој може да понесе нуклеарна боева глава, а водачот Ким Џонг-ун предупреди дека заедничките американско-јужнокорејски воени маневри мора да престанат.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.