Северна Кореја истрелала балистичка ракета со среден дострел

Северна Кореја истрела балистичка ракета кон Јапонското Море, познато и како Источно Море, соопшти во вторникот јужнокорејската војска.
Според соопштението на јужнокорејската војска, се чини дека станува збор за проектил со среден дострел.

Јапонија, пак, соопшти дека „се чинело“ оти Северна Кореја истрелала проектил, објави новинската агенција Kyodo, додавајќи дека крајбрежната стража на земјата верува дека проектилот набрзо паднал.

Лансирањето доаѓа на помалку од две седмици откако државните медиуми во Пјонгјанг објавија дека севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун го надгледувал успешното тестирање на мотор со цврсто гориво за „нов тип хиперсонична ракета со среден дострел“.

Лансирањето во вторник е трет тест на балистичка ракета од почетокот на годината, по ракетата на цврсто гориво надгледувана, исто така, од Ким во март и уште едно лансирање на ракета со маневарска хиперсонична боева глава во јануари.

Минатата година, Северна Кореја објави дека успешно го тестирала својот првиот интерконтинентален балистички проектил (ICBM) на цврсто гориво, категоријата балистички ракети со најдолг дострел, нарекувајќи го голем напредок за нејзините способности за нуклеарно одвраќање и противудар. Проектилите кои користат ваков тип гориво, според експертите, се полесни за маневрирање и посигурни во споредба со оние со течно гориво.

Од почетокот на годината, Пјонгјанг го означи Сеул за свој „главен непријател“, ги затвори агенциите посветени на повторното обединување и меѓукорејскиот дијалог и се закани дека ќе војува при какво и да е нарушување на севернокорејскиот територијален суверенитет „дури и ако е само 0,001 милиметар“. Со тоа Северна Кореја реагираше на зачестените масивни воени, артилериски, поморски и воздушни маневри коишто американските сили на Корејскиот полустров ги изведуваат со војските на сојузниците на Пацификот.

САД и нивните главни азиски сојузници како Јужна Кореја и Јапонија последните еколку години значително ја прошируваат безбедносната соработка, на што Северна Кореја од минатата година одговори со обновувањето на потесната воена соработка со Русија.

Владата на САД организира самит меѓу претседателот Џо Бајден и неговите јапонски и јужнокорејски колеги во јули на маргините на самитот на НАТО во Вашингтон.