Северна Кореја потврди дека лансирала уште две ракети

Северна Кореја во четвртокот потврди дека рано утрото истрелала два балистички проектила и овој најнов тест на своето ракетно вооружување го нарече „праведна противмерка“ против САД и Јужна Кореја и нивните заеднички големи воени вежби на Корејскиот полуостров и регионот.

Новото лансирање на ракетите дојде во времето кога во Њујорк заседаваше Советот за безбедност при Обединетите нации дискутирајќи за севернокорејската ракета која два дена претходно прелета над Јапонија во досега најдолгиот лет на севернокорејски балистички проектил со среден дострел, од околу 4.600 километри.

Според наводите на јужнокорејскиот Здружен штаб, утрово две ракети со кус дострел биле лансирани од околината на Пјонгјанг во насока на Јапонското Море. Јапонската крајбрежна стража потврди дека регистрирала лансирања.

Првата ракета прелетала 350 километри на максимална височина од 80 километри, додека втората прелетала 800 километри на височина од 60 километри, се наведува во анализата на јужнокорејската војска.

Станува збор за шестото лансирање во неполни две седмици кои се „целосно неприфатливи“, реагираше јапонскиот премиер Фумио Кишида.

Вторникот ракетата од типот „ Hwasong-12“ прелета над Јапонија и по прелетани 4.600 километри падна во Тихиот Океан, што според процените на Сеул и Вашингтон е најголемата далечина којашто Северна Кореја ја постигнал во тестовите на балистичките проектили со среден дострел. Тоа беше првпат по пет години севернакорејска ракета да прелета јапонска територија.

Северна Кореја, која во септември ја прифати новата доктрина според којашто својот статус на нуклеарна сила го прогласи „неповратен“, а оваа година зареди со лансирањето ракети и првпат по 2017 година лансираше интерконтинентална балистичка ракета.

„Овие лансирања се праведна противмерка на Корејската народна војска поради заедничките воени вежби на Југот и САД кои доведуваат до ескалација на воените тензии на Корејскиот полуостров“, соопшти во четвртокот Северна Кореја.

По лансирањето во вторникот, САД свикаа вонредна седница на Советот за безбедност при ОН но и Кина, којашто е сојузник и економски партнер на Северна Кореја, која таму го обвини Вашингтон за ескалација на тензиите во регионот.

Ракетните тестови на Пјонгјанг „тесно се поврзани“ со американско-јужнокорејската масивна воена вежба, рече во Советот за безбедност при ОН, заменикот на кинескиот амбасадор во светската организација Генг Шуанг. Ги обвини САД и дека „ја трујат безбедноста на околината во регионот“.

САД, Јужна Кореја и Јапонија, последните седмици изведуваа масивни воени маневри во кои важно место имаат вежбите за противподморничко војување и поморски вежби со големи размери, бидејќи постои сомневање дека Северна Кореја е една од земјите кои имаат способност за лансирање балистички проектили од подморници.

Во средата Јужна Кореја и САД истрелаа пет балистички ракети, една од нив се урна веднаш по лансирањето, врз фиктивни цели во Јапонското Море. Ден претходно воздухопловните сили на двете земји одржаа вежби со стрелања врз цели во Жолтото Море.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.