Северна Кореја прогласи „блескав успех“ против коронавирусот

71

Водачот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, го потенцираше „блескавиот успех“ на неговата земја во справувањето со ковид-19, пренесе државната новинска агенција КЦНА.

Водачот на Северна Кореја, Ким Џонг Ун, на состанокот на Политбирото на владејачката Работничка партија рече дека Северна Кореја го спречила коронавирусот да влезе во земјата, јави државната новинска агенција КЦНА.

„Темелно го спречивме упадот на злокобниот вирус и задржавме стабилна епидемиолошка состојба и покрај глобалната здравствена криза, што претставува блескав успех“, рече Ким Џонг Ун.

Тој предупреди и ги повика луѓето од Северна Кореја да останат „исклучително претпазливи“, се вели во соопштението на КЦНА.

Состанокот на Политбирото доаѓа во време кога многу земји ги олеснуваат блокадите, и покрај тоа што светот брзо се движи кон мрачните броеви од 10 милиони потврдени, а половина милион починати од коронавирусот.

Северна Кореја повторно ги отвори училиштата, но ја задржа забраната за јавни собири и наложи носење маски на јавни места, изјави во средата претставник на Светската здравствена организација (СЗО).

Иако државата сè уште нема потврдено ниеден случај на зараза, за што експертите велат дека е малку веројатно, нејзиното Министерство за здравство објави дека досега биле тестирани 922 лица – сите негативни. Стотици луѓе, претежно оние вработени во пристаништата или на границите, редовно се ставаат во карантин.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.